ПОЧЕТНА Други репрезентации Сега веќе знаеме дека ова не е случајно и дека оваа репрезентација...

Сега веќе знаеме дека ова не е случајно и дека оваа репрезентација има огромен потенцијал

сподели
fiba.basketball

Македонските јуниори победија и против Словачка, на европското првенство до 18 години, во рамките на Б дивизијата што се одржува во Орадеа, Романија. Тоа е четврта победа во исто толку натпревари за избраниците на Тони Симиќ, им останува уште еден дуел до крајот, против Данска.

Со триумфот против Словачка, Македонија ја потврди првата позиција во групата Б, од којашто ќе стартуваме во елиминациите. Данците треба да ни бидат последниот тренинг, пред најтешкиот меч на овој континентален собир, на кој што играме за виза за елитната А дивизија, каде што ќе се пласираат трите најдобри репрезентации.

fiba.basketball

Јасно е дека групната фаза ќе ја завриме со стопроцентен учинок, ако случајно не се случи нешто некошаркарско или непредвидливо. Ова се младински категории, концентрацијата може да падне, може да дојде до опуштање, но селекторот и играчите не смеат да го дозволат тоа. Последната рунда во групата, треба да ни послужи како полнење на артериите за првата рунда во елиминациите.

Се што се градеше во овој дел од шампионатот, може да падне во вода, ако се опуштиме и ако помислиме дека сме фаворити. На тој прв нокаут натпревар, во 1/4 финалето, ќе се издвојат зрелите кошаркари од останатите момчиња. Не ни треба атракција, ќе ја замениме за евентуална победа. Не ни треба статистика, ќе ја жртвуваме за евентуален триумф.

fiba.basketball

Без притисок, како досега, нашите млади треба да истрчаат на паркетот, прво против Данците, а потоа и против првиот противник во елиминациите, да излезат и да лебдат по паркетот. Да го дадат и да го покажат она што најдобро го знаат, да играат тимски како во целиот тек на првенството, да играат еден за друг, да играат за Македонија.

Победата треба да ги води, но не како мачител на нивните ќелии во младите глави, туку како скриен императив. Најдобро е да се трудат до последниот атом на силата, да бидат фокусирани и присутни на паркетот, да слушаат што ќе ги советува селекторот, да се фрлаат по секоја топка, да ги корегираат грешките на соборецот до нив, да нема двојби и поделби, туку само заедништво.

fiba.basketball

Со победата против Ирска, не наеживте. Со трилерот против Украина, прво ни ги побелевте косите, а потоа не станавте од столчињата. Со триумфот против Грузија, кошаркарски не реанимиравте и не оживеавте. Словачка помина рутински, Данска е следна на списокот.

Заради вас и ваште колеги до 16 години и другите наши надежи кои што го оставаат срцето на терен, повторно се чувствуваме горди, повторно се смееме, не може никој да ни ги спои вилиците додека ве гледаме како танцувате по теренот. Вашата мисија не завршува тука, а ние, иако сме далеку, од дома, ќе ве бодриме со сите сили!

НАПРЕД МАКЕДОНИЈА!!!