ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Се оствари аеродромскиот сон – две екипи во Прва лига!

Се оствари аеродромскиот сон – две екипи во Прва лига!

сподели
фото: МЗТ Скопје

Талентираните кошаркари на МЗТ Скопје ја добија својата награда за одличната сезона во која ја освоија титулата во јуниорска конкуренција, а потоа и трофејот во Втората лига (со мала помош на играчите од првиот тим).

Аеродромскиот колектив обезбеди средства за втората екипа и таа во новата натпреварувачка кампања ќе игра во елитната конкуренција за што регуларно се избори. Во македонскиот ракомет имало вакви случаи, но ова е првпат еден македонски клуб со две екипи да учествува во Првата лига.

принтскрин од текстот на basketball.mk од 05.09.2018 година

Со ова се остварува сонот на сите во МЗТ Скопје, но и на навивачите на овој клуб, сон за кој пишуваше и basketball.mk на 5 септември минатата година. Младите кошаркари на МЗТ го освоија првото место во Втората лига, но досега не се знаеше дали за нив ќе има финансии да се натпреваруваат ранг погоре.

Тренер на екипата останува Горан Крстевски, кој ќе продолжи со работата на развивање на квалитетот на најталентираните кошаркари од нашата младинска школа, заедно со својот досегашен помошник, а поранешен наш кошаркар, Синиша Аврамовски.

Целта е овој младински тим да биде своевиден расадник за играчи, кои преку шансата да играат во Првата лига би го добиле потребното искуство за настап во највисок ранг уште во своите тинејџерски години. Резултатскиот сегмент никако нема да биде запоставен, па опстанокот во елитата секако ќе биде примарна цел за нашиот подмладок кој сезонава ќе дебитира во прволигашка конкуренција.