ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Шампион не се остава така лесно…

Шампион не се остава така лесно…

сподели

Еден од предводниците на новиот бран во македонската кошарка го продолжи договорот со МЗТ Скопје и ќе остане во редовите на новиот шампион во следните две сезони.

Андреј Магдевски во Аеродром дојде лани, по една полусезона во Гостивар и покажа дека е полн погодок. Играше во извонредна форма, се однесуваше како да е десетина година стандарден првотимец и со тоа ја заслужи довербата на луѓето од клубот.

ФОТО МЗТ Скопје

По заминувањето на тројца од четворицата странци во екипата, Магдевски е втор играч, покрај Дамјан Стојановски, кој го потврди своето останување во МЗТ Скопје.

„Имаше интерес и од други клубови, но го одбрав МЗТ затоа што сметам дека моментално е најдобар за мене и мојот развој, но и затоа што претходната сезона ни фалеше еден чекор за остварување на целта и се надевам дека оваа година ќе го направиме.

Имавме разговор со управата и тренерот и ми беше кажано дека ќе имам поголема улога и одговорност од претходната натпреварувачка кампања што мене ми е најважно.

Искрено, немаше понуди од странство бидејќи во АБА 2 имав помала минутажа, а македонската лига во која играв солидно, за жал, никој не ја следи“, изјави Магдевски за basketball.mk.

Иако е уште рано, се поставува прашањето за амбициите на МЗТ Скопје во новата сезона. Од клубот не сакаат да зборуваат на оваа тема во моментов, а македонскиот репрезентативец има свој став.

„Иако клубот ќе располага со помал буџет во однос на претходната сезона, се надевам дека ќе се најдат средства и претстојната ќе биде поуспешна. Не би сакал да лицитирам со титули или позиции, само би сакал да се искачиме скалило погоре“, додава Магдевски.

МЗТ Скопје и во новата сезона ќе биде предводен од Ѓорѓи Кочов кој неодамна потврди дека ќе ја одработи и втората сезона од договорот со клубот.