ПОЧЕТНА СВЕТ Само двајца одбиле да учествуваат во документарецот за Џордан

Само двајца одбиле да учествуваат во документарецот за Џордан

сподели

„Последниот танц“, приказната за златната генерација на Чикаго Булс и неговиот предводник, последниот месец беше главна тема во кошаркарскиот свет, меѓу другото и поради тоа што немаше возбудувања на терените, а како последица од корона вирусот.

Во документарниот филм се појавија речиси сите кои значеа нешто во НБА лигата во последната деценија од минатиот век, се разбира, и оние кои им беа лути ривали на Џордан и Булс. Недостасуваат само двајца кошаркари, двајцата поранешни членови на Јута Џез: Карл Мелоун и Брајон Расел.

Причините за нивното отсуство, официјално, не се познати, може само да се нагаѓа. Мелоун беше добар пријател на Џордан и негов соиграч во првиот Дрим-тим, оној што учествуваше на Олимписките игри во Барселона. Џордан јавно негодуваше поради тоа што во сезоната 96/97 признанието за најкорисен играч во сезоната не му беше доделено него, туку на Мелоун, но тешко дека тоа го натерало „Поштарот“ да не се појави во документарецот.

Со Расел, Џордан немал многу допирни точки, освен на теренот, а сведоци тврдат дека кошаркарот на Јута Џез при почетокот на својата кариера се огрешил кон првата ѕвезда во лигата затоа што нешто му дофрлил додека овој разговарал со своите пријатели од тимот – Мелоун и Стоктон. Одмаздата за тоа се случи во шестиот натпревар од финалето во 1998 година кога Џордан го прати Расел „по цигари“ за да го постигне кошот за победа и титула на Чикаго Булс.