ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Салата „Парк“ подготвена да ги прими струмичките екипи и кошаркарските селекции

Салата „Парк“ подготвена да ги прими струмичките екипи и кошаркарските селекции

сподели

Во врска со идејата за враќање на струмичката кошарка на стари патеки за која активна улога заземаа и претседателот на КФСМ, Перо Антиќ, владините советници за спорт Даниел Димевски и Ѓорѓи Тасев, како и Општина Струмица предводена од градоначалникот Коста Јаневски, мислење и став побараваме и од долгогодишниот спортски и кошаркарски работник Сашо Масев, кој во моментов е претседател на две кошаркарски школи (МВП и АБА), како и концесионер на Спортската сала „Парк“ во Струмица.

Сашо Масев (лево)

„Љубовта кон кошарката ја имам од мали нозе и се што е поврзано со кошарка секогаш било и ќе биде моја пасија. Тоа го наследив од татко ми и чичко ми кои долго време беа главни двигатели на кошарката во Струмица, татко ми прво како претседател на КК Неметали Огражден, па потоа и на КК Македонија 91, убаво време на кое сите се сеќаваме.

Оттаму и јас одлучив да влезам во кошарката и да помогнам во нејзиниот развој. Претседател сум на две кошаркарски школи МВП и АБА во кои вкупно членуваат околу 300 деца. Секоја година се натпреваруваме со минимум 4-5 натпреварувачки генерации и бележиме одлични резултати.

Три години бев и дел и еден од најголемите помагатели на КК Струмица која за сите тие 3 години беше дел од Првата македонска лига.

За целиот период активно ја промовирав идејата за градски клуб во чија основа ќе бидат младинските категории составени од најдобрите деца од кошаркарските школи низ Струмица, како концепт кој на долг рок ќе ни донесе најдобри резултати.

Од низа субјективни и објективни причини таа претходно не се реализираше, но еве сега повторно се наметнува како идеја за чија реализација се залагаат претседателот на Федерацијата Перо Антиќ, советниците за спорт Даниел Димевски и Ѓорѓи Тасев и секако Општина Струмица предводена од Градоначалникот Коста Јаневски.

Се надевам дека ќе се реализира, а јас како претседател на најбројните кошаркарски струмички школи, од каде би се црпеле најголем број од децата во градскиот клуб и како концесионер на спортската сала „Парк“ каде тој клуб ќе треба да тренира максимално ќе се заложам за нејзина реализација.

Најважно од се е да се направи здрава, транспарентна управа која ќе ја има потребната енергија и знање да обедини поголем дел од спортските кошаркарски работници и низ фер разговори и договори со сите нас да направи стабилна база која во иднина ќе се надоградува.

Иако ја немам можноста за поголема активна улога во целиот процес поради моите секојдневни обврски на приватен и професионален план, сепак истакнувам дека од мене и од мојот тим во спортската сала „Парк“ ќе имаат отворена врата и максимална подршка.

Концесијата ја преземав пред 2 месеца, за кратко време успеав да санирам голем дел од содржините внатре, да го сменам комплетното осветлување и целосно да ги санирам соблекувалните.

Тоа е само дел од сето она што се направи за овој краток период. Заедно со Агенцијата за млади и спорт, Ракометната Федерација на Македонија и Општина Струмица успеавме да го организираме на највисоко ниво и по сите стандарди ракометниот натпревар помеѓу Македонија и Грција.

Продолжувам со силно темпо и понатаму, се со една цел, спортската сала во која пораснав и ги поминав моите најубави години да прерасне во еден комплетен спортско-рекреативен објект кој ќе биде гордост како на градот така и на нашата држава и место каде струмичките екипи како и националните селекции во кошарка, но и во другите спортови, ќе ги извршуваат своите тренажни и подготвителни активности.

За крај, уште еднаш поддршка на идејата за градски кошаркарски клуб и желба истиот да се реализира во најскоро време опфакајќи што поголем дел струмички кошаркарски работници и ентузијасти.“ – изјави Масев за basketball.mk.