ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Шакота си замина, Звезда има нов тренер

Шакота си замина, Звезда има нов тренер

сподели

По неполна сезона на клупата на Црвена Звезда, Драган Шакота ја напушти функцијата, а на негово место дојде поранешен југословенски и српски репрезентативец.

Довчерашниот тренер на Монако, Саша Обрадовиќ е изборот на Небојша Човиќ. Шакота си заминува без освоен трофеј откако АБА лигата и српското првенство завршија без епилог, а претходно Звезда ја загуби битката во Купот, од Партизан.

„Одлуката да го напуштам Монако беше тешка, но предизвикот кој го предложи Црвена Звезда придонесе да дојде до баланс. Најмногу жалам што не успеав да ја завршам работата со Монако.

Сакам да им се заблагодарам на претседателот, генералниот директор, принцот и владата што искуството во Монако ми го направија незаборавно. Исто така, сакам да им се заблагодарам на навивачите кои влијаеја да се чувствувам како дома од почетокот. Навистина уживав, а сигурен сум дека Монако ќе остане конкурентен и во иднина“, изјави Обрадовиќ, кој на клупата на францускиот прволигаш дојде како замена за македонскиот тандем Филиповски-Митев.

Саша Обрадовиќ е „дете на Звезда“, таму ја почна играчката кариера како тинејџер, играше од 1987 до 1993, потоа во 1994 и на крај, во сезоната 99/00. По точно две децении се враќа во матичниот клуб, но првпат како тренер.