ПОЧЕТНА ПРВЕНСТВА САД се во аут, светот ќе добие нов шампион!

САД се во аут, светот ќе добие нов шампион!

сподели
FIBA

Американската репрезентација нема да го брани златото од последните две Светски првенства.

Во третиот четвртфинален дуел од шампионатот во Кина, САД загубија од Франција со 89:79 и ќе се борат за пласман од петтото до осмото место. Натпреварот полн со пресврти беше решен во последните три минути во кои „триколорите“ го шокираа големиот фаворит и си обезбедија второ полуфинале во низа.

Првото полувреме помина во израмнета игра, двете екипи се менуваа во водство, но во последната минута Франција поведе со 45:37. На стартот од третиот период предноста на оваа репрезентација изнесуваше 10 разлика (51:41), но следуваше шоу на Донован Мичел кој сам ги однесе Американците до пресврт и водство од 66:63.

На почетокот на последната четвртина се чинеше дека отпорот на Франција е скршен, САД водеа со седум разлика (74:67), но тогаш почна спектаклот. „Триколорите“ направија 15:2 и во претпоследната минута влегоа со водство од 82:76. Немаше ни време, ни можност за нов пресврт.

Тешко е да се каже кој од француската репрезентација има најголем придонес за победата. Фурние беше најефикасен со 22 поена, но Гобер заврши со 21 поен и 16 скока, Де Коло со 18 поени, а Тиликина во финишот постигна неколку важни кошеви.

Кај Американците играше само Донован Мичел кој постигна 29 поени, а кошаркарите на Грег Попович промашија седум слободни фрлања и тотално ја загубија битката под кошевите (44:27 во скокови за Франција).