ПОЧЕТНА ЕВРОПА Сабонис… па 25 години… па Кампацо!

Сабонис… па 25 години… па Кампацо!

сподели
фото: ACB

Реал Мадрид брзо го заборави шокот од дуелот со Бургос и со триумфот против Валенсија (95:90) се стави во добитна позиција за пласман во полуфиналето од АЦБ лигата.

Мечот го одбележаа пресвртите, тимот на Пабло Ласо одлично почна, во првата четвртина имаше двоцифрена предност, Валенсија се врати и поведе во третиот период, за Реал, сепак, да стигне до победата. Во главна улога беше аргентинскиот репрезентативец Факундо Кампацо кој одигра историски натпревар.

Плејмејкерот оствари индекс 42 што е најдобар ефект на еден играч на најтрофејниот шпански клуб по Арвидас Сабонис во 1995 година. Литванецот тогаш имаше 45, а таа сезона беше прогласен за МВП на шпанското првенство и на Реал му ја донесе деветтата титула во тогашниот Куп на европски шампиони. За 37 минути на теренот Кампацо постигна 29 поени (7/8 за два, 3/6 за три, 6/7 од линијата за слободни фрлања), плус 11 асистенции, 3 скока и 6 изнудени фаули.

Интересно е тоа што дури и покрај овие бројки, тренерот на Реал, Пабло Ласо не беше импресиониран.

„Сум го гледал Факундо да игра и подобри натпревари. Не со вакви бројки, но со подобра игра секако“, изјави тој по мечот.

Рекордниот индекс во АЦБ лигата го држи Арвидас Сабонис, исто така од 1995 година, кога против Оуренсе оствари 66.