ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА РОБЕВ: Куманово е шанса што сакам да ја искористам!

РОБЕВ: Куманово е шанса што сакам да ја искористам!

сподели

Првото засилување за новата сезона за поранешниот вицешампион е Дамјан Робев, екс-младински репрезентативец на Македонија.

По Вардар и Гостивар, тоа ќе биде трет клуб во кариерата на 23-годишниот бек. Куманово продолжува со својата стратегија, да им дава шанса на домашните кошаркари, а тоа даваше резултат претходните сезони во кои тимот постојано беше меѓу најдобрите шест, често и во разигрувањето за титулата.

„Куманово е убава шанса која сакам да ја искористам, град кој живее за кошарката. Има убава атмосфера за играње и добри услови за напредок. Тешката повреда што ја доживеав пред две години е веќе минато, немам никакви пречки во физичката подготовка за натпреварите.

Куманово ќе има релативно подмладен состав, но од него очекувам многу, сите имаат повеќегодишно искуство во Првата лига и сметам дека на чело со тренерот би биле конкурента екипа претстојната сезона. Останува да се стави под контрола ситуацијата со Ковид-19 и да продолжиме со кошарката во земјава“, изјави Робев за basketball.mk.

Тренер во Куманово ќе му биде добро познат лик – човекот кој го предводеше низ младинските категории во Вардар.

„Фактот што Владимир Мирковски е назначен за нов тренер на тимот имаше големо влијание врз конечната одлука. Добро се познаваме и можам да кажам само убави зборови за него“, додаде Робев.