ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Реални се шансите МЗТ да добие место во јадранската елита

Реални се шансите МЗТ да добие место во јадранската елита

сподели

Тешко ни падна одлуката на АБА да ја прошири првата дивизија со Борац и Сплит и да му оневозможи на единствениот македонски претставник на терен да се бори за своето место.

Но, тоа не значи дека се загубени и исцрпени сите можности за МЗТ Скопје за кам-бек во елитата, по две години во понизок ранг. Иако е направена неправда кон нашиот клуб, можно е аеродромци, сепак, да се најдат во елитата.

Надежите лежат во словенечкиот клуб Приморска кој лани ги изненади сите освојувајќи четири трофеи во една сезона, а потоа имаше и фантастично деби во АБа лигата. Во меѓувреме клубот се соочи со финансиска криза, главниот спонзор Сикст си замина и ја остави Приморска во огромни долгови кои, според наши извори, изнесуваат повеќе од милион евра.

Според словенечките закони, клубот не може да почне да се натпреварува ако не ја израмни својата сметка. Челниците се растрчани по спонзори кои ќе ги покријат долговите, но поради кризата со корона вирусот, тоа оди потешко од очекувањата. Во меѓувреме, составот дополнително се намалува бидејќи покрај тренерот Јурица Големац, се очекува во Олимпија да се преселат уште Ален Хоџиќ и Жига Димец.

Ако Приморска не успее да се спаси од финансиски колапс, нејзиното место во АБА лигата ќе има право да го пополни МЗТ Скопје. Од раководството на седумкратниот македонски првак ќе зависи дали ќе ја искористи шансата бидејќи во таков случај ќе треба да се направи конкурентен состав, а тоа бара дополнителни средства.