ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА РАДУЛОВИЌ: Во оваа селекција нема ѕвезди, сите работат за колективот

РАДУЛОВИЌ: Во оваа селекција нема ѕвезди, сите работат за колективот

сподели
ФОТО: Александар Ристовски

Предводникот на македонската младинска репрезентација трет пат ќе учествува на Европските првенства, но дебитира како селектор.

Претходните две години Дарко Радуловиќ беше во стручниот штаб, прво на Мирко Петрески, а потоа на Никола Василев. Веќе 18 месеци е шеф на стручниот штаб на Вардар, со кого играше и во македонската кошаркарска елита, и шампионатот во Португалија треба да биде круна на неговата досегашна кариера.

ФОТО: Александар Ристовски

Претходните години нашите младински селекции беа на средината во конечниот пласман на Европските првенства Б-дивизија. Најголем успех на М20 репрезентациите е второто место од 2006 година кога, исто така во Португалија, го освоивме второто место. Тој тим го предводеше Марјан Лазовски, а во него играа Предраг Самарџиски, браќата Стојановски, Александар Костоски итн.

„Во групата сме со Белгија, Португалија, Словачка и Луксембург. Според мене, Португалија е апсолутен фаворит во нашата група и една од трите селекции кои ќе атакуваат на титулата. Има одличен состав и многу веројатно затоа ја доби организацијата на ова првенство.

Белгија секогаш е меѓу првите осум репрезентации на овие првенства, оваа година има плус тројца екстра-таленти. Ние и Словачка сме со сличен квалитет, можеби Словаците атлетски се малку пред нас, но ние имаме предност од кошаркарски аспект. Аутсајдер е Луксембург кој, сепак, не смее да се потцени бидејќи може да направи изненадување.

ФОТО: Александар Ристовски

Веќе добивме информации за Белгијците, како прв противник, ги скаутиравме, играчите се запознати со нивниот квалитет и го очекуваме дуелот максимално подготвени во тој тактички дел. Нормално, ќе треба да покажеме квалитет во донесување одлуки, во реакција, во желба за победа, можеби и малку спортска среќа и се е можно.

Имаме информации и за Португалија, но не ја анализираме играта на оваа селекција сега, туку штом ќе заврши првото коло. Истото важи и за другите ривали во групата, не сакаме да скокаме, туку да одиме чекор по чекор“, изјави Радуловиќ за basketbal.mk.

ФОТО: Александар Ристовски

Ретко која младинска селекција на Македонија имала толку стандардни прволигашки играчи како оваа. Затоа многумина и очекуваат добар пласман.

„Најголем дел од овие кошаркари се родени 2000-та година и идната година би биле со поголеми шанси на Европското првенство. Но, јас не гледам така на ситуацијата, тие треба да стекнат искуство на големи натпреварувања и ова првенство е шанса за нив.

ФОТО: Александар Ристовски

Не можам да кажам кој пласман би го оствариле, но се што е над 12-то место, односно позиција во првата половина го сметам за добро. Учество во четвртфиналето, односно да ја поминеме групата, ќе биде фантастичен успех.

Но, и да не се случи тоа, ние мораме да се бориме за секое место погоре на конечната табела“, додава селекторот на младинците.

ФОТО: Александар Ристовски

Резултатите во подготвителниот период покажаа дека има квалитет во младинската селекција. Но, што е тоа што ја издвојува од останатите?

„Оваа репрезентација е неконвенционална, немаме многу високи играчи, но затоа има поливалентни, односно такви што можат да пополнат повеќе позиции. Тоа е некој склоп на кошаркари кој може да донесе резултат бидејќи би ги изненадиле противниците со игра со преземање, агресивност, менување тактика и распоред во одбраната итн.

ФОТО: Александар Ристовски

Единството, хомогеноста и енергијата што ја има селекцијата е она што може да не однесе до успех. Немаме, а не ни сакам да имаме ѕвезди, односно еден или двајца играчи со посебен третман.

Нема потреба од такво нешто, ова е репрезентација на Македонија, секој треба да си го најде своето место во неа и улогата која јас сметам дека е најдобра и да работи за доброто на колективот“, потенцира 39-годишниот стручњак.

ФОТО: Александар Ристовски

Голема улога во оваа репрезентација треба да одиграат и помошниците на Радуловиќ, исто така искусни тренери.

Николче Божиновски долго време е дел од тренерскиот тим на ФМП Академија и претходните денови беше во стручниот штаб на неколку македонски младински репрезентации. Александар Ашаданов е тренер во младинската школа на Вардар, а минатото лето му беше помошник на Александар Јованчев во М16 репрезентацијата која го освои третото место на Европското првенство во Сараево и обезбеди пласман во А-дивизијата.