ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА РАДУЛОВИЌ: Искуството за нас секогаш е проблем, но не сакам да бараме...

РАДУЛОВИЌ: Искуството за нас секогаш е проблем, но не сакам да бараме алиби…

сподели
КФСМ

Младинската репрезентација на Македонија (М20) прва од нашите селекции ќе излезе на терен на Европските првенства.

До почетокот на шампионатот кој ќе се одржи во Матосињос, Португалија, остануваат уште две недели. Репрезентацијата одамна е заедно, веќе почна со подготвителни натпревари и селекторот Дарко Радуловиќ е задоволен од она што може да го види досега.

„Поминавме тешки подготовки во Скопје и Маврово, имавме и неколку повреди кои ни правеа потешкотии и не оневозможија да работиме со полн состав, но сето тоа е составен дел од кошарката, особено ако се земе предвид фактот дека дел од играчите немаат континуитет на квалитетна работа или пак не поминуваат доволно време на паркетот во матичните клубови.

КФСМ

Сепак, до овој момент имам позитивна оцена за нивниот прогрес како на кондициско, така и на физичко и тактичко ниво, овде во репрезентацијата“, вели Радуловиќ.

Со оглед на тоа што се долго време заедно, и низ претходните селекции, овие кошаркари добро се познаваат меѓу себе.

„Најголем дел од играчите се од минатата селекција М18, надополнети со неколку момци од ланскиот состав М20. Искуството за нас е проблем секогаш, бидејќи овие играчи поминуваат незначително време на терен во нашите првенства, со исклучок на два-тројца, а репрезентациите на европските првенства во своите состави имаат мнозинство играчи кои имаат сериозна минутажа во сениорските клубови каде што настапуваат.

КФСМ

Ова не го кажувам за да направам алиби или да ги заштитам, туку само ја констатирам фактичката состојба. Како и да е, ние ќе одиме во Португалија да се обидеме да го победиме секој противник кој ќе излезе против нас на теренот“, додава селекторот.

Оваа репрезентација веќе одигра еден пријателски турнир во Скопје, на 28-ми и 29-ти јуни ќе се сретне со Унгарија по што следуваат завршните подготовки пред патувањето за Португалија.

„Формата на репрезентацијата е во нагорна линија, репер за тоа е и настапот на турнирот во Скопје против Црна Гора, Косово и Русија. Имаме мали проблеми кај тројца играчи со нивната маса, но добив цврсто уверување дека до првентството ќе бидат на оптималните тежини за да го дадат својот максимум за репрезентативниот дрес.

Помошниците на Радуловиќ, Николче Божиновски и Александар Ашаданов (фото: КФСМ)

Морам да напоменам дека работам со одличен стручен состав, луѓе кои се максимално посветени на своите задачи и обврски, а играчите покажуваат врвна хомогеност, енергија и атмосфера, кои се битни сегменти од целокупниот процес и можат да бидат ’фактор Х’ на натпреварите од првенството“, завршува човекот кој трета година по ред е дел од репрезентацијата М20, но првпат како селектор.

Во неговиот стручен штаб се Николче Божиновски и Александар Ашаданов, кондициски тренер е Мартин Мојсовски, а физиотерапевт Бранкица Перчинкова.