Континенталните шампионати во младински категории се ближат кон крај, останува уште Европското кадетско првенство А-дивизија во Скопје кое стигна до своето полуфинале.
Македонските младински селекции имаа променлив успех, кадетите опстанаа во А-дивизијата, јуниорите го освоија четвртото место во Б-дивизијата и за малку не се пласираа во европската кошаркарска елита, а младинците се пласираа на средината во конечниот пласман во Б-дивизијата. Паралелно со нив и нашите судии и делегати учествуваа на првенствата и имаа забележителна улога.

Петар Денковски, кој летово стави крај на својата судиска кариера, го водеше натпреварот за третото место на Европското младинско првенство за мажи во Израел меѓу Франција и Германија, а потоа и дуелот за бронза и финалето на Европското првенство У-18 Ц-дивизија во женска конкуренција.
Финале судеше и Александар Милојевиќ, на јуниорското првенство во Орадеа како прв судија, претходно и меч за третото место на младинскиот шампионат во Матосињос.

Најмладиот од нив Иван Мијалковски судеше натпревар за третото место на Европското првенство У-16 и полуфинални дуели на У-18 и У-20, сите во женска конкуренција и Б-дивизија. Зоран Митровски суди на Европското кадетско првенство А-дивизија во женска конкуренција што овие денови се одржува во Скопје и се очекува да биде делегиран на еден од главните натпревари во завршницата.
На Европското кадетско првенство во Удине учествуваа и Игор Митровски и Александар Павлов, а Зоран Митровски и Алија Феревски водеа натпревари на јуниорското првенство во женска конкуренција во Скопје.
Активни беа и делегатите. Владо Цветковски беше делегат на финалниот меч од Европското У-18 првенство во женска конкуренција во Скопје, а Ѓорги Пиперков учествуваше на финалето на ЕП У-16 Б-дивизија во машка конкуренција во Подгорица како ФИБА инструктор и во финалниот меч од Европскиот младински олимписки фестивал во Баку.