ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА (ВИДЕО) Додека седите дома, уживајте во ретро кошарка: Работнички-МЗТ Скопје (1996)

(ВИДЕО) Додека седите дома, уживајте во ретро кошарка: Работнички-МЗТ Скопје (1996)

сподели

Ситуацијата со корона вирусот не принуди да останеме во своите домови, во очекување да се среди состојбата.

Времето не мора напразно да се троши, може да се искористи и за учење кошарка или гледање на некои натпревари од веќе подалечното минато. Поточно, од времето кога во Македонија беа полни салите на кошаркарските натпревари, без разлика дали станува за дуели од домашното првенство или европските купови.

Ова е натпреварот меѓу Работнички и МЗТ Скопје од финалето на Купот во 1996 година. Втора година по ред завршницата од ова натпреварување се играше во Градски парк, но Работнички ни во 1995, ни во 1996 година не успеа да го освои пехарот. Во двата случаја загуби од МЗТ Скопје, но претходната сезона во полуфиналето, а оваа во најважниот меч.

Тоа беше историски ден и натпревар за МЗТ Скопје кој тогаш го освои својот прв трофеј во историјата, неколку недели откако го прослави 30-тиот роденден. Задоволството беше уште поголемо бидејќи триумфот е остварен на теренот на најлутиот ривал, во пеколна атмосфера, пред преполни трибини.

Работнички подоцна се одмазди во финалето од плеј-офот каде победи со 3:0, но мораше да чека уште две години (вкупно четири) за третиот пехар во Купот на Македонија.