ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Работнички и Гостивар имаат предност за АБА 2

Работнички и Гостивар имаат предност за АБА 2

сподели
Работнички добива нова шанса да игра во АБА

Ако МЗТ Скопје игра во елитната дивизија на регионалното натпреварување, второ и третопласираниот тим на табелата во моментот на прекин во Првата лига ќе можат да играат во вториот степен.

Тоа се Работнички и Гостивар кои по 17 одиграни кола имаа идентичен број бодови – по 29, два помалку од лидерот.

“Се зема предвид пласманот кој е пријавен во Агенцијата за млади и спорт при начинот на кој се одредува висината на ваучерите за клубовите. Точно е дека сезоната беше прекината, но ние уште тогаш објавивме дека не се бришат резултатите и позициите кои екипите ги имале пред него.

Сметам дека учеството на овие две екипи во АБА 2 би било одлично. Работнички е бренд во македонската кошарка, а Гостивар заслужува поради сите вложувања и успеси последните години, како и поради публиката која на секој натпревар ја има во голем број“, објасни претседателот на КФСМ, Перо Антиќ за basketball.mk.

Од Работнички уште нема никаква официјална реакција на можноста да се игра во АБА 2, додека Гостивар веќе изрази желба да се натпреварува во оваа лига. Двете екипи би можеле да играат во оваа конкуренција само ако МЗТ Скопје добие место ранг погоре.