Македонија единствена си го знае своето место во елиминациската фаза, на едно коло до крајот на групната фаза на континенталниот собир (Б дивизија) до 18 години, што се игра во романскиот град Орадеа.
Со освојувањето на првата позиција во групата Б, нашите репрезентативци го чекаат противникот од групата А, каде Полска е на врвот со максимален учинок од 8 бода, Белгија е на втората позиција со 7 бода, но и Естонија од третата позиција со 7 бода има шанса за влез во следниот круг.

Со глед на тоа што вкрстуваат А1 и Б2, односно А2 и Б1, второпласираната селекција во ова друштво, по завршувањето на 5-то коло, ќе ни биде првиот ривал во нокаут фазата.
Во последното коло ние играме против Данска (19:45 часот), Полска игра со Естонија (13:00 часот), а Белгија со Романија (17:30 часот). Трите селекции на првите три позиции во Група А имаат свои математики за пласман понатаму, една од нив ќе извиси.

Нашите млади ќе го дознаат противникот во 1/4 финалето уште пред да стартува нивниот последен дуел во групната фаза, но треба да се изолираат од иднината и да мислат на сегашноста. Треба да се совладаат Данците кои што се аутсајдери, исто како и Словаците кои што ги победивме во 4-то коло, па дури потоа да се мисли на следните чекори.
Знаете како оди, двочекор – еден па два, нема еден па три па назад. Се’ со ред, што е наше ќе си дојде. Играјте момчиња, живејте за моментот и дајте се од себе. Наградата е тука некаде, ве чека!