ПОЧЕТНА А Репрезентација Продолжен одмор за репрезентацијата

Продолжен одмор за репрезентацијата

сподели

Место претстојната есен, квалификациите за Европското првенство во 2021 година ќе почнат во зимскиот период, поточно во февруари.

Тоа значи дека обврските на македонската репрезентација за оваа година се завршени со дуелите против Косово и Романија пред четири месеци, во претквалификацискиот циклус.

ФИБА донесе ваква одлука на состанокот на Извршниот одбор, а поради големото оптоварување на играчите по Светското првенство кое се игра летово. Место четири, ќе има три прозорци, првиот во февруари 2020 година, вториот во ноември 2020 година и третиот во февруари 2021 година.

Уште една важна одлука е донесена на Извршниот одбор. По две репрезентации од секој регион ќе ги пополнат местата на квалификациските турнири за Олимписките игри. Во Токио ќе се пласираат седум селекции од Мундијалот во Кина, а останатите 16 (не сметајќи ја Јапонија како домаќин на Олимпијадата) одат во квалификации.

Во квалификациите ќе учествуваат 24 репрезентации, па останатите осум ќе ги пополнат по две најдобри од секој регион според ранкингот на ФИБА. Ова значи дека најверојатно Словенија и Хрватска ќе добијат уште една шанса за пласман на Олимписките игри бидејќи тие се најдобро рангирани во Европа во моментов од оние кои не учествуваат на Мундијалот во Кина.