ПОЧЕТНА Светски првенства Политичките ставови што го „прецртаа“ Калиниќ

Политичките ставови што го „прецртаа“ Калиниќ

сподели

Одлуката на Александар Ѓорѓевиќ да избрише двајца познати кошаркари од списокот за Светското првенство во Кина уште е тема на дебата во српската кошаркарска јавност.

Немања Недовиќ не е толку интересен, но Никола Калиниќ е анализиран од сите можни аспекти. Постоеше сомнеж дека причина за неговото прецртување е неодамнешниот скандал, односно видео снимката на која се гледа како тој мастурбира.

Но, дел од медиумите во Србија тврдат дека има и друг момент во оваа приказна. На Калиниќ, наводно, му се замерува за некои негови политички ставови, пред се во врска со Косово.

„Селекторот го прецрта Никола поради негови изјави во медиумите, како и политички коментари на социјалните мрежи кои кренаа прав во јавноста. Стручниот штаб сметаше дека поради тоа може да се наруши атмосферата во репрезентацијата, па одлучи овојпат Калиниќ да не биде дел од неа“, пишува Информер повикувајќи се на извори блиски до Федерацијата.

Калиниќ имаше свои ставови во врска со Косово и во врска со српскиот народ и не се плашеше да ги истакне јавно.

BeBasket

„Косовската битка била пред повеќе од 600 години, а веќе со децении таа територија не е наша. Никој не живее од историјата и колку побрзо се помириме со сегашноста и продолжиме понатаму, толку подобро за нас.

Не сме небесен народ, ниту некогаш сме биле, имавме светли моменти низ историјата, но мораме да се помириме со тоа дека сега сме мала и небитна точка на огромната мапа на светот. Кој не ми верува, нека пропатува малку низ светот и нека им каже на странците од каде е и кој е – ќе доживее шок, сигурен сум. Јас веќе го доживеав“, изјавуваше, меѓу другото, Калиниќ.

Ситуацијата со него сигурно и натаму ќе биде тема за дебата. Калиниќ е стандарден во тимот на Фенербахче, а редовно играше за српската репрезентација на последните големи натпреварувања.