ПОЧЕТНА СВЕТ Пипен и другите бесни на Џордан

Пипен и другите бесни на Џордан

сподели
twitter

Документарецот за легендарниот Мајкл Џордан и неговите Чикаго Булс со наслов „Последниот танц“, кој се емитуваше на американскиот медиум ЕСПН наиде на позитивни и на негативни критики.

Името доаѓа од скриптата на тренерот Фил Џексон која тој им ја дал на играчите пред сезоната, во која објаснил како сака да изгледа екипата таа последна заедничка кампања, откако генералниот менаџер Џери Краус, по 5 освоени титули и безброј рекорди му кажал на „Зен Мастерот“ дека и со 82/0 нема да остане на клупата во натпреварувачката година што следува.

Наводно, Скоти Пипен по емитувањето на 10-те епизоди на филмот бил бесен на Џордан затоа што овој во неколку наврати го нарече себичен. Пред се поради темпирањето на операција, со цел да пропушти поголем дел од последната сезона и да покаже колку вреди. Сето тоа во ситуација кога се уште му важел договорот што тој самиот го потпишал без притисок, за кој (подоцна) Пипен сметал дека е неправеден и дека всушност малку е платен.

Хорас Грант кој беше дел од првите три редоследни титули (1991-93), беше обвинет од Џордан за изнесување тајни од соблекувалната кај новинарот Сем Смит кој ја напша книгата „Правилата на Џордан“. Грант изјави дека документарецот е 90% невистина и сра*е.

На Џордан му е лут и сопственикот на Чикаго Булс, Џери Рајнсдорф кој повторно изјави дека не можел да склопи екипа за следната сезона 1998/99, од повеќе причини, а според толкувањето на неговите изјави, најверојатно главна биле парите и договорите што играчите ќе ги барале за нови потписи.

Можат сите да му се лутат на Џордан, но нека стават прст на чело и нека се прашаат дали денес би биле тоа што се, да не беа во екипа со него, сите од обезбедувањето во салата па до газдата на екипата? Како изгледале Чикаго Булс пред да дојде Џордан, колку тој влијаел на промената на менталитетот и какво реноме имаат денес, иако немаат титула пред и по него? Колку е Џордан успешен денес, вон теренот, по завршувањето на кариерата?

Точно е дека титули освојуваат екипите, но тој бил апсолутен лидер на таа екипа и неповторлив лик во модерната спортска историја. Дали тој се однесувал лошо кон останатите околу него, според прикажаното во документарецот, зависело само од нивниот однос кон Џордан и кон кошарката.

Во ниту еден момент од документарната серија Џордан не елиминира ниту еден соиграч и на сите им препиша еднакво значење во процесот на освојување на титулите, особено на Пипен кого го нарече второто јас. Џордан потенцираше дека, ако требало, се тепал со сите на тренинг, само за да бидат подготвени кога ќе дојде војната на натпреварите.

Џордан ги објасни карактерите на сите негови соиграчи и соработници, начинот на кој тој ги доживувал луѓето околу него. Зборуваше за себе и во прво лице, затоа што документарецот му е посветен нему. Очигледно е дека тој има став и не се плаши да го изнесе јавно, му се допаднало тоа некому, или не. Особено, што е негово лично право, ги исмеваше противниците, но поткрепа за вистината му се бројките и моментите против нив, на кои сме биле сведоци во живо, преку ТВ преносите.

Charity stars

А дека има право да се фали и да се перчи, има и тоа најмногу од сите спортисти во историјата на екипните спортови, во модерното време сигурно, а можеби и воопшто во историјата на спортот. Меџик, Бирд и другите големи шампиони му симнаа капа, јавно и без срам, дали дека некој ги натерал на тоа или им платил за тоа? За напуштањето на теренот од страна на Детроит и Ајзеа Томас, не треба никој да им зборува додека се живи, нели?

Сите големи шампиони се големи шампиони, само затоа што во себе носат нешто посебно. Документарецот не е илустрација или анализа на карактерот на Мајкл Џордан, освен на шампионскиот порив што го има, туку е приказна за неговите кошаркарски успеси. Тој не бара одобрување или согласување од никого, туку нуди свое гледиште на нештата што се случувале.

На крајот на денот, документарецот е снимен за Мајкл Џордан, тој е централната фигура и околу него се случува се што е прикажано во инспиративната и – сама по себе, дури и да беше прикажана без некој посебна режија – вонсериска видео креација, наречена „Последниот танц“. Сите други може да снимат своја верзија, да видиме што ќе ни кажат и како ќе го прикажат тоа.