ПОЧЕТНА ЕВРОПА Партизан и Виртус извисија, Евролигата во ист состав и идната сезона

Партизан и Виртус извисија, Евролигата во ист состав и идната сезона

сподели

Покрај објавата дека сезоната дефинитивно е откажана и нема да се доигра, Евролига објави кои клубови ќе учествуваат во неа идната сезона.

Предвремениот крај најтешко им падна на најдобриот италијански тим оваа сезона Виртус и на Партизан кој се надеваше дека преку Еврокупот ќе се врати во европската кошаркарска елита. Клубот од Болоња беше меѓу најдобрите, а белградскиот клуб се надеваше дека преку плеј-оф турнир на домашен терен ќе дојде до финалето кое обезбедува пласман во Евролигата.

„Ова е најтешка одлука која моравме да ја донесеме во 20-годишното постоење на лигата. Поради причини кои се надвор од наша контрола, принудени сме предвреме да ја завршиме најинтересната и најуспешна сезона во европската кошарка.

Одлуката доаѓа по 2,5 месеца во кои клубовите се обидуваа да најдат начин да се заврши сезоната. Сето ова не мотивира да бидеме уште поуспешни идната сезона“, се вели, меѓу другото, во соопштението од Евролигата.

Идната сезона во ова натпреварување ќе учествуваат истите екипи кои настапија и оваа натпреварувачка кампања: Алба, Анадолу Ефес, Милан, Црвена Звезда, ЦСКА, Барселона, Баерн, Фенербахче, Химки, Басконија, АСВЕЛ, Макаби, Олимпијакос, Панатинаикос, Реал, Валенсија, Жалгирис и Зенит.

Во Еврокупот, загарантирано место имаат осумте четвртфиналисти: Монако, Партизан, Промитеас, Виртус, Тофаш, Венеција, Малага и Уникс. Останатите 16 места ќе бидат распоредени на клубовите според нивниот пласман во домашните првенства.