ПОЧЕТНА ЕВРОПА Олимпијакос ја тужи грчката лига, отвори војна со сите клубови

Олимпијакос ја тужи грчката лига, отвори војна со сите клубови

сподели
Браќата Ангелопулос, сопственици на Олимпијакос, се решени да одат до крај (фото: Sportime).

Расколот во грчката кошарка продолжува со судски процес покренат од пирејската екипа, која што поднесе тужба за Првата лига на Грција, поради тоа што клубовите изгласаа екипата на Лаврио да остане во топ дивизијата.

Олимпијакос демонстративно не одигра два лигашки натпревара, поради што според кошаркарските пропозиции беше автоматски суспендиран и префрлен во втората лига, а претходно не одигра и еден меч во Купот, сите против Панатинаикос, барајќи да не судат одредени арбитри и тврдејќи дека зелените ги контролираат домашните натпреварувања.

Тимот на Лаврио и Колосос, двете последнопласирани екипи во првенството на Грција што заврши, заедно со Олимпијакос, требаше да бидат префрлени во Втора лига. Со оглед на тоа дека и ПАО лечеше комплекси и не одигра еден меч со Кими во знак на протест против потезите на Олимпијакос, таа службена „победа“ од 20:0 на Кими, му ја донесе позицијата на табелата на Лаврио.

Со гласањето за останување на оваа екипи во Прва лига, другите прволигашки тимови (едногласно) сакале „да ја исправат“ неправдата, што е противзаконски потег, потврдува и Кошаркарската Федерација на Грција. Тоа е причината поради која што Олимпијакос ја тужи комплетната лига.

Да биде перипетијата поголема, Колосос ќе го откупи прволигашкото место од Холаргос, екипа што од втората се пласира и требаше да игра во првата лига на Грција, но од необјаснети причини го продаде своето место и се сели во третата лига, што значи дека единствениот тим од грчкото првенство што за следната сезона ќе се пресели во понизок ранг, е екипата на Олимпијакос.