ПОЧЕТНА СВЕТ Официјално – сите од Ол-старот во 2001 година се во пензија!

Официјално – сите од Ол-старот во 2001 година се во пензија!

сподели

Со крајот на кариерата на Винс Картер, завршена е една ера во НБА лигата за чии квалитет и наследство ќе зборува иднината.

Поранешниот американски репрезентативец беше последен од таа генерација кој остана во лигата, неговата кариера се протегна во четири децении иако, фактички, играше 22 сезони што е нов рекорд. За жал, не го доби заслуженото испраќање, корона вирусот го оневозможи во тоа, па последниот натпревар го одигра во март, кога беше прекината лигата, по првиот случај со Ковид-19.

Тимот на Источната конференција, со Винс Картер во него

Интересно е и тоа што Картер е последниот играч од Ол-стар натпреварот во 2001 година што замина во пензија. Многу слави, но и малку подзаборавени имиња настапија на тој собир на ѕвездите.

За Источната конференција играа: Ален Ајверсон, Трејси МекГрејди, Винс Картер, Реј Ален, Алан Хјустон, Стефон Марбери, Џери Стакхаус, Ентони Мејсон, Глен Робинсон, Латрел Спривел, Антонио Дејвис и Дикембе Мутомбо. Спривел, Мутомбо и Дејвис беа замени за Грент Хил, Алонзо Морнинг и Тио Ретлиф кои беа избрани од навивачите преку гласање.

Составот на Западната конференција

Дресот на Западната конференција го носеа: Џејсон Кид, Коби Брајант, Крис Вебер, Тим Данкан, Мајкл Финли, Гери Пејтон, Кевин Гарнет, Карл Мелоун, Антонио МекДајс, Рашид Волис, Дејвид Робинсон и Владе Дивац кој влезе како замена за Шекил О’Нил.

Од овие играчи има и такви што се во пензија и по 15 и повеќе години, Владе Дивац и Карл Мелоун, на пример. Последен кој ја заврши кариерата пред Картер е Марбери во 2018 година,, но тој си замина од НБА во 2009 и оттогаш играше во Кина. Ако ги земеме предвид само оние што се пензионирале во НБА, последни се Коби Брајант, Тим Данкан и Кевин Гарнет – сите во 2016 година.