ПОЧЕТНА ЕВРОПА Нови Пазар против МЗТ со петорка екс-играчи во Македонија

Нови Пазар против МЗТ со петорка екс-играчи во Македонија

сподели
Алексеј Нешовиќ (број 30) беше член на МЗТ Скопје во финишот од сезоната 17/18

Македонскиот шампион ќе се обиде да ја продолжи победничката серија на домашен терен во АБА 2 лигата во која во моментов е на второто место, зад Борац.

Противник на аеродромци во десеттото коло е Нови Пазар кој сезонава првпат игра во регионалното натпреварување и ова ќе биде прв меѓусебен дуел на двете екипи. Српскиот претставник има пет порази на шесте досегашни гостувања, но никој во МЗТ Скопје не смета дека ќе биде лесно.

Екипата на Нови Пазар (фото: ABA/Sloboda/Darko Zabus)

Пред се, бидејќи Нови Пазар во своите редови има кошаркари кои добро ја познаваат македонската кошарка. Екипата пристигна во престолнината со петмина играчи кои порано настапувале во нашето првенство, а еден од нив го носеше и дресот на МЗТ Скопје.

Алексеј Нешовиќ беше член на клубот од Аеродром околу четири месеци, во вториот дел од сезоната 2017/18. Дојде пред завршницата од Купот на Македонија во Кавадарци на кој МЗТ Скопје триумфираше, а си замина откако неговиот тим ја загуби титулата од Работнички, првпат по шестгодишната доминација во домашното првенство. Претходно тој играше и во Лирија и Кожув.

Александар Тодоровиќ додека беше член на Гостивар

Останатите четворица актуелни членови на Нови Пазар, а кои порано играа во Македонија се: Александар Тодоровиќ, Мајкл Мелори, Божо Ѓумиќ и Давид Миладиновиќ.

Тодоровиќ четири месеци беше член на Гостивар и остави одличен впечаток. Тоа е сезоната кога оваа екипа се врати во македонската кошаркарска елита (2017/18). Мелори и Ѓумиќ играа за Блокотехна, но во различни периоди. Американецот беше во Гевгелија во сезоната 2017/18, три месеци беше еден од носителите на играта за на почетокот на 2018 година да доживее тешка повреда на коленото поради која не заигра повеќе таа натпреварувачка кампања.

Божо Ѓумиќ играше за Блокотехна во вториот дел од минатата сезона, вклучувајќи ја и завршницата од Купот на која оваа екипа стигна до финалето. Претходно заедно ја освоија титулата во БИБЛ лигата.

Давид Миладиновиќ на неодамнешниот натпревар против Работнички

Последниот од оваа група е Давид Миладиновиќ кој пред две недели стана член на Нови Пазар откако си замина од Куманово. И минатата сезона тој ја помина во Македонија, но во екипата на АВ Охрид. На шесте одиграни натпревари за Куманово беше петти скокач и најдобар блокер во домашното првенство.

Веројатно никогаш порано не се случило наша екипа да игра против странски ривал, а кај него да има цела петорка играчи кои настапувале во македонското првенство. Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Нови Пазар се игра од 18 часот во „Јане Сандански“. Нашиот претставник досега е со биланс 7/2.