ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Нов прволигаш на повидок

Нов прволигаш на повидок

сподели

Одлуката на КФСМ да испрати понуда за пополнување на Првата лига до КК Ангели ги изненади и претставниците на клубот.

Екипата од Кисела вода играше во полуфиналето од Втората лига откако претходно го освои првото место во западната група. Таму загуби од МЗТ Скопје 2, но по откажувањето на Блокотехна, се отвори место за уште една екипа од вториот ранг на натпреварување.

Понудата е неочекувана, па сопственикот на Ангели, Благоја Кечовски за basketball.mk ја опишува ситуацијата во која се наоѓа клубот во моментов.

„Пријатно бевме изненадени вчера кога ја примивме поканата од страна на КФСМ.
За нас како клуб со 15-годишно постоење и играње во сениорските лиги, минатогодишната сезона беше круна на досегашната работа и заедно со тренерот Горан Ѓорѓиевски и помошта од општината Кисела вода успеавме за првпат да стигнеме до полуфиналето на Втората лига.

Го известивме раководството на Федерацијата дека сериозно ќе ја разгледаме нивната понуда, но дека за истата ќе ни требаат дополнителни денови бидејќи нашата цел не е само едногодишно учество во Првата лига туку креирање ростер со млади играчи кои што ќе ја добијат својата шанса, но и кои ќе се изборат за опстанок во елитата.

Ќе ми треба мене време како сопственик заедно со УО на клубот да се обидам да ги обезбедам потребните финансии, но најмногу ќе му треба време на тренерот Ѓорѓиевски да состави конкурентен тим за оваа лига.

Исто така треба да добиеме официјална потврда од Федерацијата дека нашата сала ’Независна Македонија’ ги исполнува условите за натпреварување во Првата лига, тоа ни е многу важно бидејќи како општински клуб ни е битно да играме во нашата општина Кисела Вода (салата ова лето е комплетно реновирана).

Се надевам дека оваа покана ќе стане реалност бидејќи клубот заслужува да биде дел од елитата“, изјави Кечовски.

Првата лига треба да стартува во октомври, а наскоро точно ќе се знаат сите учесници и ќе биде извршена ждрепка за првенството.