ПОЧЕТНА НБА Њу Орлеанс има нова мега-ѕвезда

Њу Орлеанс има нова мега-ѕвезда

сподели
New Orleans Pelicans

Неколку дена по објавувањето на трејдот на Ентони Дејвис и неговото заминување во Лос Анџелес Лејкерс, Пеликанс почнуваат нова ера во своето постоење.

На драфтот одржан во Њујорк, франшизата од Лујзијана го одбра Зајон Вилијамсон како прв пик што и не е големо изненадување бидејќи за тоа се зборуваше речиси цела сезона. Тинејџерот кој за 15 дена ќе наполни 19 години беше најголемиот фаворит за прв избор, особено откако ги доби сите индивидуални признанија во НЦАА лигата последната сезона.

Со височина од 201 сантиметар и околу 130 килограми, Вилијамсон може да игра на секоја позиција, има одлични физички предиспозиции и стручњаците му предвидуваат блескава кошаркарска кариера. Според можностите го споредуваат со Ентони Дејвис и Леброн Џејмс, првите пикови во 2012 и 2003 година. Сигурни се дека неговата кариера ќе трае долго, како онаа на Леброн, пред се поради силниот карактер и натпреварувачкиот дух.

Во единствената сезона во НЦАА просечно постигнуваше по 22,6 поени, 8,9 скока, 2,1 асистенции, 2,1 украдени топки и 1,8 блокади за 30 минути на теренот.

Вториот пик на драфтот е Џа Морант кој е избран од Мемфис Гризлис, а трет е Ар Џеј Берет, селектиран од Њујорк Никс. Од европските кошаркари највисоко е избран Французинот Секу Думбуја, на 15-тото место од Детроит, Грузиецот Гога Битадѕе е 17-ти, драфтуван од Индијана, а Хрватот Лука Шаманиќ е една позиција подолу и ќе игра во Сан Антонио Спарс.

Куриозитет е изборот на Сакраменто Кингс во втората рунда, односно 60-тиот пик – Вања Маринковиќ со што продолжува „србизацијата“ на франшизата од Калифорнија. Кошаркарот на Партизан веројатно нема веднаш да замине во НБА, но ако се одлучи за тоа, ќе биде пречекан од Немања Бјелица, Богдан Богдановиќ, Игор Кокошков и генералниот менаџер Владе Дивац.