ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Ништо од бизнисот – прволигашите го одбија предлогот на МЗТ!

Ништо од бизнисот – прволигашите го одбија предлогот на МЗТ!

сподели

Предлогот на аеродромскиот клуб, Првата лига да се доигра во јуни и/ли јули, само со домашни кошаркари е категорично одбиен од убедливо мнозинство прволигаши.

ЗА гласаше само МЗТ 2 со тоа што и Работнички се согласува да се доигра, но најтрофејниот македонски кошаркарски колектив потенцира дека тоа не е можно поради малиот фонд играчи. Сите останати клубови се против продолжување на првенството под какви било услови.

КФСМ на својата интернет страница ги објави образложенијата на сите клубови поединечно:

КК МЗТ СКОПЈЕ УНИ-БАНКА

„КК МЗТ Скопје Уни-Банка се согласува со предлогот“

КК РАБОТНИЧКИ

„КК Работнички си останува на истиот став дека шампион се станува на терен, а не во канцеларија. Како единствена пречка ни е пандемијата каде е секаде во светот и притоа бевме приморани на престанок на договорите со странските играчи кои по своја желба си заминаа поради затворањето на граничните премини. За жал, за повторно да се отпочне да се игра по овој распоред, КК Работнички нема да може да одигра ниту еден натпревар поради малиот број на играчи“.

КК АКАДЕМИЈА ФМП

„Не се согласуваме со предлогот МЗТ Скопје Аеродром за доигрување на сезоната“.

КК ВАРДАР

„КК Вардар од Скопје, како учесник во Првата машка кошаркарска лига, е против продолжувањето на сезоната 2019/2020. Нашиот став произлегува од недостатокот на временска рамка во која кошаркарите соодветно би се подготвиле за продолжување  на натпреварувачката сезона и можноста на спортски план да го максимизираат својот натпреварувачки учинок. Истовремено, секое финално натпреварување во летниот период ќе го загрози процесот на периодизација и подготовка за новата натпреварувачка сезона, 2020/2021. Во такви услови, периодот на развој на играчите ќе биде жртвуван за натпреварувачки дел кој нема да ги прикаже реалните квалитети на тимовите, со што натпреварувањето ќе се девалвира, а можноста за спортски повреди во наредниот период ќе се зголеми. Нашиот искрен став произлегува од општото добро на спортистите кои се носители на резултатите во спортот. Со мисла дека нашиот став ќе биде добронамерно прифатен и дискутиран, оставаме на раководството на КФСМ да ја донесе конечната одлука која ќе биде во интерес на сите спортски субјекти“.

КК КУМАНОВО 2009

„Во врска со предлогот наа КК МЗТ Скопје Аеродром, ДСД Куманово 2009, ВЕ ИЗВЕСТУВА дека ние сме ПРОТИВ ваквиот предлог и остануваме дека првенството НЕ СМЕЕ ДА ПРОДОЛЖИ заради заштита на здравјето на играчи и стручните штабови на клубовите, и дека НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПРОГЛАСИ ШАМПИОН, став кој веќе го зазедовме како еден од предлозите на КФСМ а последниот состанок на клубови од Прва лига-мажи“.

КК ГОСТИВАР

„КК Гостивар категорично е против ваквите предлози, оценувајќи ги како несуштински и несериозни“.

КК ПЕЛИСТЕР

„КК Пелистер АД – Битола е ПРОТИВ предлогот од страна на екипата на МЗТ Скопје Аеродром. Лигата е веќе едногласна завршена и нема потреба од додатно комплицирање на ситуацијата. Останува уште Управниот Одбор на КФСМ да одлучи на кој начин истата е завршена“.

КК КОЖУВ

„Предлогот не се прифаќа“

КК ЕУРО НИКЕЛ 2005

„Во врска со дописот од КК МЗТ Скопје Аеродром-Скопје сакаме да Ве известиме дека МКК Еуро Никел 2005-Кавадарци е ПРОТИВ предлогот на КК МЗТ Скопје Аеродром-Скопје, за продолжување на лигата, и нашиот клуб е ПРОТИВ продолжување на лигата“.