ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Николовски и Ефремовски верни на Работнички

Николовски и Ефремовски верни на Работнички

сподели

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив со драстично изменет состав ќе влезе во новата сезона.

Мираковски и Чековски ќе ги нема бидејќи ставија крај на кариерите, првиот ќе биде во улога на тренер, а си замина и најдобриот од последните две сезони Чавдар Костов. Покрај нив членови на Работнички не се ни Бојан Крстевски, Марјан Јаневски, Бобан Стајиќ и Димитар Караџовски кои се раштркаа низ Македонија.

Но, по серијата заминувања клубот успеа да се договори за продолжување на соработката со двајца важни играчи од претходната сезона. Виктор Ефремовски и Кирил Николовски остануваат во Градски парк барем уште една сезона. Со нив се е договорено, останува само уште формално да се стави потпис од двете страни.

Госитиварецот е еден од најдобрите шутери во нашата лига и конечно очекува да ја добие вистинската шанса. Николовски немаше среќа минатата сезона, се повреди во второто коло од пролетниот дел и оттогаш паузира.

Работнички досега го донесе само Горан Главчев кој минатата сезона го носеше дресот на Блокотехна, а договорен е и неговиот довчерашен соиграч од гевгелискиот клуб Стеван Глигоријевиќ кој, како и Николовски и Ефремовски, треба само формално да стане играч на 15-кратниот шампион.