ПОЧЕТНА Други лиги Нема да гледаме второлигашка и младинска кошарка?

Нема да гледаме второлигашка и младинска кошарка?

сподели

Кој ќе ни произведува играчи? Каде ќе се развиваат младите? Како ќе градиме младински селекции? Каде ќе се корегираат и дооформуваат оние што нема да добијат шанса или што се уште не се зрели за во првата лига?

Потсетуваме дека екипите од пониските рангови на натпреварување во кошаркарска Македонија, реагираа на индолентноста на институциите и оние што го донесоа законот за ваучери, со заеднички став дека следната сезона нема да играат, затоа што се „заборавени“ во поделбата на финансискиот колач што е на товар на државната каса:

„Поради фактот што неправилно, неправно, намерно или ненамерно сме заобиколени со законот за ваучери, кој претходно бомбастично се најавуваше од минатата година, истите ние чекајќи шест месеци останавме заобиколени од распределбата на средствата по тој закон.

Според законот излезен во Службен весник на РСМ, ние ги исполнуваме сите критериуми за добивање на ваучер за спорт. Изминатиот период се обративме до сите релевантни институции и до 20-ти јуни немавме добиено никаков одговор.

Бидејќи, токму овој период се креираат буџетите на клубовите за наредната сезона, сите клубови нема да пријавуваме екипи во сениорска и младинска конкуренција сѐ до оној момент кога би биле опфатени со законот за ваучер.“ – се вели во заедничкиот став на засегнатите.

Ќе потсетиме и за регулативата: Законот за ваучери предвидува средства од данокот на добивка наместо да се влеваат во касата на државата, да одат во спортските клубови. Субјектите што би требало да ги добијат овие пари треба да исполнуваат одредени услови.

Како што пренесува Sport1 – Според информациите од АМС, дури и еден од прволигашките екипи нема добиено средства од овој закон, а станува збор за тимот на АВ Охрид.

Изненадувачки е што екипи како Вардар, Шкупи, Пелистер и Фени индустри, кои играа во Плејаут-лигата за опстанок добија повеќе пари од екипи како Блокотехна и Гостивар кои цела сезона беа во самиот врв и конкурираа за пехарите во двете домашни натпреварувања.

Меѓу тие што не добија пари од овој закон се и новите прволигаши Академија ФМП и вториот тим на МЗТ Скопје, кој настапува како посебен правен субјект.