ПОЧЕТНА СП 2019 Недостижните рекорди на ова Светско првенство

Недостижните рекорди на ова Светско првенство

сподели

Ситно броиме до стартот на натпреварите на Мундобаскетот во Кина и со нетрпение ги очекуваме возбудувањата и мајсториите од дел од најдобрите кошаркари на планетата.

Ова е 18-то Светско првенство во историјата, првото се одржа во 1950 година во Аргентина, досега титулите ги освојуваа шест репрезентации (СР Југославија се смета за правен наследник на СФРЈ), а најуспешни се САД и СФРЈ/СРЈ со по пет титули. Ниедна репрезентација досега не успеала три пати по ред да стане планетарен првак, таа шанса сега ќе ја имаат САД, но тие во Кина отпатуваа некомплетни.

Во отсуство на голем број кошаркарски ѕвезди од речиси сите репрезетации, интересно е дали некој од оние што ќе играат на првенството, ќе успеат да соборат барем еден од индивидуалните рекорди, постигнати на претходните шампионати.

На пример, оној на Бразилецот, Оскар Шмит од Мундијалот во 1990 години кога просечно постигнуваше по 34,6 поени по натпревар. Оттогаш ниеден кошаркар не успеал да ја надмине границата од 30 поени по меч, најблиску до тоа беше Луис Скола во 2010 година – 27,1.

Никос Галис е единствениот кошаркар во историјата кој на едно првенство постигнал повеќе од 300 поени (337 во 1986 година). Шмит на следниот Мундијал дојде до 277, а оттогаш ретко некој ја минуваше границата од 200.

 

Се чини дека најголем предвизик не само на ова, туку и на следните првенства ќе биде рекордот на Кореецот Хур Јае по бројот на постигнати поени на еден натпревар. Во 1990 година, против Египет, тој постигна неверојатни 62 поена и тогаш го помина Никос Галис кој четири години претходно против Панама постигна 53. Во новиот милениум само Дирк Новицки успеа да дојде блиску до оваа бројка – во 2006 година против Ангола постигна 47 поени. Сите останати во топ-10 се од 20-тиот век.

Убедливо најдобар стрелец на Светските првенства е Оскар Шмит со 843 поени, а Бразилецот има и најдобар просек – 24,1 по натпревар. Од актуелните кошаркари, односно оние кои ќе играат во Кина, само Луис Сколс е во топ-10 и тоа на третото место, но на 39-годишниот Аргентинец му требаат 270 поени за да го стигне Бразилецот.