ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА МЗТ Скопје се врати на тренинзи!

МЗТ Скопје се врати на тренинзи!

сподели
фото: МЗТ Скопје

По повеќе од два месеца, седумкратниот македонски шампион, во редуциран состав, почна со подготовки за финишот од сезоната во АБА 2 иако не се знае дали воопшто ќе има такво нешто.

Познато е дека домашното првенство е прекинато, без да се прогласи првак, а одлуката за регионалното првенство треба да се донесе во последната недела од мај. МЗТ Скопје обезбеди пласман во плеј-офот и со петмина кошаркари почна да тренира на отворено, во Аеродром.

„Забраната за тренинзи сѐ уште не ни дозволува да се вратиме во сала и да продолжиме со работа, онаму каде што застанавме кога пред два месеци беше прекинато првенството поради пандемијата со коронавирусот, но тоа не беше пречка нашите играчи малку да поработат индивидуално и на отворено да се подружат со топката, но и помеѓу себе.

Секако, придржувајќи се кон сите препораки за социјално дистанцирање и заштита и дезинфекција, како средства за борба против болеста Ковид-19“, објавија од клубот.

Како што беше најавено, на тренинзите се појавија само петтемина домашни сениори: Николов, Магдевски, Стојановски, Крстевски и Маслинко, како и неколку кошаркари од втората екипа на МЗТ Скопје. Странците работат дома, под посебна програма која им ја испрати кондицискиот тренер Петар Баснарков и во зависност од тоа дали ќе се игра завршницата од АБА 2, ќе се знае дали ќе се вратат во Македонија.