ПОЧЕТНА Некатегоризирана МЗТ Скопје осма сезона дел од јадранското друштво

МЗТ Скопје осма сезона дел од јадранското друштво

сподели

Новиот македонски шампион ќе има втора шанса да се пласира во елитната дивизија од АБА откако го потврди своето учество во понискиот ранг.

Лани МЗТ Скопје испадна од првата лига, па мораше да игра во АБА 2 и само детали го оневозможија да се врати во старото друштво. Во баражот против Задар нашиот тим беше пред конечна победа, но во вториот меч на домашен терен испушти шут за победа, а потоа на гости, во „мајсторката“ не успеа да дојде до посакуваниот триумф.

Во основниот дел од сезоната МЗТ Скопје го освои третото место, зад Приморска и Спарс, успешно ја мина полуфиналната пречка, но не можеше со словенечкиот претставник кој ги освои сите трофеи во натпреварувањата во кои учествуваше.

фото: МЗТ Скопје, Петр Стојановски

За претстојната сезона уште не е познат конечниот список на учесници во АБА 2, но јасно е дека конкуренцијата ќе биде пеколна. Добро е тоа што нема да учествува Олимпија која во меѓувреме се фузираше со Цедевита, па шансите за првото место ќе бидат поголеми.

Натпреварувачката кампања 2019/20 ќе биде осма за МЗТ Скопје во АБА конкуренцијата, втора во втората лига. Од 2012 до 2018 година аеродромци беа дел од елитата.

Наскоро ќе се знае и играчкиот состав на екипата, како и тоа дали на клупата ќе остане Ѓорѓи Кочов кому му истече договорот.