ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА МЗТ Скопје не ги дава најдобрите

МЗТ Скопје не ги дава најдобрите

сподели
фото: МЗТ Скопје

Одамна македонскиот шампион немал толку талентирана генерација како онаа којa годинава ја освои титулата во М18 конкуренцијата.

Истата екипа потоа дојде до пехарот во Втората лига и му овозможи на МЗТ Скопје првпат во историјата со два тима да учествува во елитната дивизија. Капитен на двете екипи беше Дарио Митевски, 17-годишниот плејмејкер кој истата функција ја имаше и во М18 репрезентацијата што го освои четвртото место на Европското првенство Б-дивизија во Орадеа.

Митевски го продолжи договорот со МЗТ Скопје на уште три години, на задоволство на сите во клубот, а најмногу на свое бидејќи и натаму ќе го носи дресот во омилениот тим. Меѓу другото, првпат во кариерата ќе заигра и во Првата лига.

„Со новиот договор добивам шанса за мој личен развој и можност да играм во клубот на мојот живот каде сум присутен долго време. Сакам мојот успех да биде успех на сите што тренирале со мене досега од населбата Аеродром.

фото: МЗТ Скопје

Лани бев капитен на три различни екипи, оваа година ќе бидеме уште посериозни и имаме одговорност да докажеме дека младите играчи можат сериозно да се наметнат во своите екипи во Прва лига.

За мојот развој сум благодарен на сите, но морам да ги истакнам Горан Крстевски Кичо и Митко Маринковски со кои потрошив најмногу часови во сала. Благодарен сум и на МЗТ Скопје што ми го овозможи тоа“, изјави Митевски за basketball.mk.

FIBA

За голем број екипи во елитата МЗТ 2 ќе биде непознаница, особено во првите неколку кола. Јасно е само дека овој тим ќе биде меѓу најмладите во елитната конкуренција што е одлично и за играчите и за македонската кошарка.

„Нашата цел е опстанок во лигата и што е можно повеќе победи. Но, јас лично мислам дека ќе бидеме големо пријатно изнанедување за сите љубители на кошарката“, додава Митевски.