ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА МЗТ Скопје го врати талентираниот Николов во Македонија

МЗТ Скопје го врати талентираниот Николов во Македонија

сподели

Еден од најмладите кошаркари кои настапиле во Евролигата и најмладиот македонски репрезентативец во историјата, Кристијан Николов (22 год, 188 см) од денеска е нов член на МЗТ Скопје Аеродром, откако потпиша едногодишен договор со нашиот клуб.

Станува збор за плејмејкер кој со 18 години дебитира во најсилното европско клупско натпреварување како играч на Галатасарај, а претходно, со 15 години, осум месеци и девет дена настапи во дресот на Македонија на средба против Русија во 2012 година.

Тој во таборот на гигантот од Истанбул замина во 2014 година и се задржа во следните две сезони, по што мина извесен период во екипите на Јесилгиресун во два наврати, Трабзонспор и Истанбул ББ. Минатата сезона ја одигра во дресот на Петким.

Со ангажманот на Николов и претходното задржување на Андреј Маслинко и Андреј Магдевски, уште еднаш ја потврди определбата за ангажирање на најталентираните кошаркари кај нас, кои преку сино-белиот дрес би стекнале драгоцено искуство, што секако би било од бенефит и за македонската кошарка во целост.

Покрај нив тројца, во моментов под договор со МЗТ Скопје Аеродром се уште и Дамјан Стојановски, Марко Симоновски и Ранко Мамузиќ.

Тренер на екипа и во следната сезона ќе биде Ѓорѓи Кочов.

(преземено од mztskopjeaerodrom.mk)