ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА МЗТ 2 ќе има нов тренер – Даскаловски или Блажевски!?

МЗТ 2 ќе има нов тренер – Даскаловски или Блажевски!?

сподели

Многу веројатно, и четврта екипа од македонската Прва лига во новата сезона ќе влезе со нов шеф на стручниот штаб.

По Пелистер, Куманово и Академија ФМП, за промена се подготвува вториот тим на МЗТ Скопје кој во својата дебитантска кампања беше предводен од Горан Крстевски. Младите „штркови“ не остварија ниедна победа, но никој тоа не го сфати како неуспех бидејќи најголем дел од играчите во составот беа тинејџери, на возраст од 17 до 19 години.

Борче Даскаловски

Неофицијалните информации на basketball.mk се дека главни кандидати за тренерската позиција се Борче Даскаловски и Перо Блажевски.

Даскаловски минатата сезона ја помина во Казахстан, како дел од стручниот штаб на Емил Рајковиќ во Астана. Претходно беше помошник и прв тренер на Карпош Соколи, како и Вардар каде ја заврши играчката и ја почна тренерска кариера.

Перо Блажевски

Блажевски е легенда на МЗТ Скопје и миленик на навивачите иако дел од кариерата помина и во редовите на лутиот ривал Работнички. Поените од слободни фрлања против Реал Мадрид вечно ќе останат запишани во историјата на клубот, па евентуалниот ангажман во вториот тим на МЗТ Скопје би значел враќање во Аеродром по пауза од 11 години.

Горан Крстевски

За разлика од Даскаловски, Блажевски уште немал самостоен тренерски ангажман, а работеше како помошник во Струмица и три години во Работнички каде ги водеше и младинските екипи.

Ако дојде до тренерската смена, Крстевски нема да биде избркан од МЗТ Скопје, туку ќе продолжи во школата на клубот, работејќи со млади кошаркари во што е можеби најуспешен во земјава, со над 25 освоени трофеи во својата тридецениска кариера.