ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Младите „штркови“ се наострија за Работнички!

Младите „штркови“ се наострија за Работнички!

сподели
МЗТ 2 (фото: МЗТ Скопје)

Шеснаесеттиот ден од октомври, оваа 2019-та година ќе биде историски за македонската кошарка.

Својот дебитантски натпревар во елитната дивизија ќе го одигра вториот тим на МЗТ Скопје и со тоа, првпат во Првата лига ќе настапат две екипи со исто име иако формално станува збор за два различни правни субјекта. Повозрасните, актуелниот шампион МЗТ Скопје, веќе го одиграа својот натпревар од првото коло, а МЗТ 2 ќе се сретне со Работнички во воведниот круг.

Натпреварот требаше да се одигра во текот на викендот, но МЗТ 2, екипа која е составена од тинејџери, имаше четворица играчи во македонската репрезентација М18 која настапи (и го освои пехарот) на меѓународниот турнир во бугарскиот град Шумен.

фото: МЗТ Скопје

За голем дел од кошаркарите предводени од Горан Крстевски ова ќе биде деби во прволигашката конкуренција, а веројатно нема подобро место за тоа од кошаркарскиот храм Градски парк и против најтрофејниот клуб во Македонија. Ждрепката сакаше во првите две кола вториот тим на МЗТ Скопје да се сретне со најсилните екипи во земјава, па во текот на викендот ќе игра со својот „постар брат“.

Младите кошаркари на МЗТ 2 го одработија последниот тренинг и се подготвени за она што ги очекува во Центар.