ПОЧЕТНА Избор на уредникот МИСЛЕЊЕ: Што и како треба да се договорат играчите и клубовите?

МИСЛЕЊЕ: Што и како треба да се договорат играчите и клубовите?

сподели

Македонската кошарка повторно е на крстопат, затоа што нема здрава основа и конкретна стратегија. Лутаат клубовите, талкаат играчите. Никој не знае што сака. Ако знаеја, немаше да дојдат до тука.

Една година теојца на терен, следната проблем. Клубовите го намалија бројот на странци, го прифатија и вториот дел од правилото со загарантираната минутажа. Се покажа дека двете страни немаат трпение.

Екипите сакаат резултати, играчите сакаат богатства, преку ноќ. Ни едното ни другото ниту се нормални појави, ниту се изводливи. Може да се случат, но ќе крахираат на вториот чекор.

Играчите сакаат загарантирана минутажа, но и 6-цифрени договори. Тоа си е ОК, но е нелојална конкуренција. Никаде во светот НИКОЈ нема загарантирана минутажа. Што тие ќе понудат за тие минути и за кои трофеи ќе се борат?

Во минатото имаше цели петорки што имаа 6-цифрени договори, но играа европски купови и победуваа европски шампиони. Младите учеа од нив и се угледуваа на нив.

Клубовите сакаат брзи резултати и купуваат петпарачки странци што ги плаќаат солено. Самоубиствена грешка и за нив и за нашите репрезентации и за нашата кошарка воопшто. Затоа немате публика на трибините.

Најдобрата кошарка во Македонија се играше во времето кога работеа младинските школи, кога имаше двајца странци, кога нашите играчи остануваа по тренинзите да дотренираат и не промашуваа по 7 од 8 слободни на еден натпревар.

Современото општество е слободно, големите екипи освојуваат трофеи со странци и не им пречи. Тука лежи зајакот. Кога има резултат, сите молчат. Имаме и ние таков случај, со РК Вардар. Таму не треба да се бранат македонските играчи???

Играчи се развиваат на колеџ, во Г лига, во втора, во трета лига, во кадетски и младински лиги. Во прволигашките и елитните натпреварувања се игра АТОМСКА кошарка, а не ограничена и заштитена.

Не е ова мислење против нашите играчи, напротив, тие за нас се секогаш во прв план, а доказ за тоа се текстовите кога ова фамозно правило беше донесено. Прочепкајте, ќе видите.

Не е ова текст против нашите екипи, напротив, тие се за нас НБА тимови. Таков е нашиот концепт, прочепкајте, ќе видите. Едвај чекаме убав натпревар, да се изназборуваме со денови и недели.

Ова е текст што треба да ги разбуди и едните и другите. Не ја користете ситуацијата за брзи добивки од каков било тип, напуштете ги сфаќањата дека после вас е потоп и ништо по вас не е битно.

Имаше време кога кошарката ни беше перјаница, прочепкајте, ќе видите…