ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА МИРКОВСКИ: Куманово е кошаркарски град, со високоразвиена спортска култура

МИРКОВСКИ: Куманово е кошаркарски град, со високоразвиена спортска култура

сподели

Три пати во својата историја, Кошаркарскиот клуб Куманово играше во финалето од плеј-офот во Првата лига, еднаш беше финалист во Купот и еднаш во БИБЛ лигата.

За жал, навивачите на овој клуб уште го чекаат својот прв трофеј. Последните сезони тимот не беше на нивото од средината на оваа деценија, но и покрај тоа редовно е во горниот дел од табелата, со звучни имиња во својот ростер.

Во новата сезона клубот ќе почне нова ера. Амбициозното раководство го донесе Владимир Мирковски на тренерската позиција, веќе се ангажирани две врвни странски засилувања, едно од нив, поранешен играч во НБА лигата. Желбата е Куманово повторно да се вмеша во борбата за титулата, што е цел и на новиот тренер.

По Водњански Лисици, Вардар, Бест и ФМП, следната сезона ќе го водите Куманово, најзвучно име во вашата професионална кариера, ако се изземе МЗТ каде бевте помошник. Подготвен ли сте за предизвикот?

„Апсолутно, мојата 15 годишна кариера како тренер ми дава целосна самодоверба да кажам дека Куманово ќе работи на еден сосема поинаков начин, на високо професионално ниво во рамките на светските трендови за трениг и менаџмент на еден прволигашки тим.“

Владимир Мирковски додека го водеше тимот на Бест

Колку искуството од Кина може да помогне на новата функција?

„Кина ми донесе неверојатни можности за соработка со врвни имиња во кошарката како професорот Ненад Труниќ, Суботиќ, па се до можности за професионално надградување преку проектите на Гуангжоу спорт универзитет и СВА тимот на градот каде имав можност да соработувам со НБА тренерот Адам Таталовиќ.“

Додека бевте во Кина, ја следевте ли македонската кошарка и што мислите дека е сменето од периодот пред да заминете?

„Секако, тоа е случај со сите наши тренери насекаде, погледите се секако свртени кон домашното и регионалните првенства.

За мене тоа секогаш било случај, бидејки јас истовремено го следам и растот на моите играчи со кои сум работел и настапот на меѓународни играчи кои се исто така значаен дел од нашето домашно првенство.

Во однос на промената, сметам дека сега првенството е поизрамнето, за разлика од периодот кога работев тука, а кога МЗТ Скопје доминираше и беше без конкуренција.“

Во меѓувреме почнавте со формирање на ростерот, комплетиран е над 80%. Може ли да се зборува за амбициите за новата сезона (вклучително и евентуален настап во меѓународни натпреварувања)?

„Може да се каже дека полека го комплетираме составот, Куманово како тим секогаш имал високи амбиции како на домашна така и на меѓународна сцена. Ќе почекаме да ги пополниме и останатите две позиции, па потоа би можеле да зборуваме за целите во новата сезона.“

Во составот на Куманово ќе има играч кој настапувал во НБА лигата. Се чувствува ли поради тоа, повторно кошаркарската еуфорија во градот?

„Секако, Куманово е кошаркарски и град со високоразвиена култура за спорт што е само дополнителен мотив за нас како стручен штаб да го дадеме својот максимум.“

Што ќе биде заштитен знак на Куманово под ваше водство и што би можеле да им ветите на навивачите пред почетокот на сезоната?

„Нашиот тим е пред се млад, ќе игра агресивно во одбрана и со многу транзиција во нападот. Секој кошаркар, без разлика дали е домашен или странец, мора да го даде својот максимум на терен бидејќи тоа е еден од главните фактори за успех.“

КК Куманово почнува нова епизода во своето постоење, со промени во управата, нов тренер и поголема застапеност на социјалните мрежи. Значи ли тоа дека се подготвува поголем и позначаен кошаркарски проект во блиска иднина?

„Нормално, следењето на светските трендови е и една поголема застапеност на социјалните мрежи. Составивме еден одличен тим од претседател до економ, тим на вистински професионалци.

Секако дека подготвуваме повеќе проекти за развој на кошарката во Општина Куманово кои постепено ќе ги реализираме.“