ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Мекиќ и МЗТ Скопје – љубовта продолжува

Мекиќ и МЗТ Скопје – љубовта продолжува

сподели

Седумкратниот македонски шампион го договори второто засилување за претстојната сезона, по Филип Бакоч кој од Еуро Никел се пресели во Аеродром.

Нов член на четата на Ѓорѓи Кочов е Адем Мекиќ – добро познато име кај навивачите на МЗТ Скопје, играч кој го носеше дресот на овој тим од 2014 до 2017 година. Во тој период освои три титули во домашното првенство и две во Купот на Македонија, а се стекна и со статусот репрезентативец на Македонија.

Член на МЗТ Скопје беше до ноември 2017 година кога се пресели во Куманово. Лани требаше да биде дел од проектот на АВ Охрид, но тој пропадна во последен момент и Мекиќ замина во Пелистер каде се промовираше во еден од најдобрите домашни играчи ви лигата. Доказ за тоа е и фактот дека сезоната ја заврши како најдобар стрелец меѓу македонските кошаркари и единствен во топ-10, со просек од 16,9 по натпревар.

Беше планирано Мекиќ да го засили МЗТ Скопје уште во март, пред почетокот на Суперлигата кога и официјално си замина од Пелистер. Сепак, дојде до прекин на сезоната поради пандемијата со ковид 19, а со тоа беа и запрени преговорите со управата на клубот од Аеродром.