ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Марко нема клуб, ама ја има довербата на селекторот

Марко нема клуб, ама ја има довербата на селекторот

сподели

Во новата македонска селекција, предводена од Александар Тодоров има тројца од славната „генерација 2011“ која го освои четвртото место на Европското првенство во Литванија.

Покрај браќата Стојановски, тука е и Марко Симоновски кој пред неколку месеци си замина од МЗТ Скопје и моментно е без клуб. И покрај тоа Тодоров одлучи да го повика во репрезентацијата за стартот на квалификациите за континенталниот шампионат што треба да се одржи идната година.

Селекторот цврсто стои зад својата одлука, а ја образложи и на прес-конференцијата пред стартот на подготовките.

„Oд денoт кога ме избраа за селектор и кога веќе го договоривме кондицискиот тренер, Марко Симоновски е во систем на подготовка, и физичка и кошаркарска. Факт е дека имав една дилема, во последните две недели да го земам во мојот тим Крајова за да тренира со екипата. Но, пеколниот ритам на натпревари не дозволи такво нешто. Откако сум во Скопје работам индивидуално со него и со Марко Миловановиќ.

Марко Симоновски е играч со кој сум работел, во кого имам доверба. Верувам дека може да ни помогне бидејќи станува збор за само четири дена меѓу двете средби“, рече Тодоров.

Никој подобро од него не знае во каква форма се наоѓа Симоновски и затоа треба цврсто да му се верува. Марко многу ја задолжил македонската кошарка, никогаш нема да му ги заборавиме блескавите партии во националниот дрес, особено онаа фамозна тројка против Белгија која не однесе на Европското првенство во 2015 година.