ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА МАКЕДОНСКАТА ВИСТИНА: Општинска лига!

МАКЕДОНСКАТА ВИСТИНА: Општинска лига!

сподели

Во Македонија, единствените субјекти што вложуваат во кошарката, се општините!

Од една страна тоа е добро, затоа што народните пари одат за спорт и за младите, а од друга страна не е добро (да се само тие), затоа што стопанствениците ги нема или си заминуваат од нашиот спорт.

Која општина како инвестира и каков е проектот, тоа е друга приказна што треба да биде подложна на други анализи.

Целите, реперот, идеите, играчите, трофеите, програмата… постоењето на клубовите и работата, тоа се прашања за друго разглобување.

Што се случи со АВ Охрид?

Клубот, слободно и паушално, уличарски кажано, потроши милион евра за две-три сезони, а згасна на 5 дена до почетокот на новата.

Требаше да се бори за титулата, дури се споменуваше, како патка или вистина не е ни битно, ангажман на Бо МекКејлеб.

Анимиран беше цел еден град кој се претвори, односно се врати во позиција на кошаркарски центар. А сега, преку ноќ (по 21 часот), тој клуб замина во историјата.

фото: архива

Хјустон (добро де, Петровец), каде е проблемот?

Проблемот на македонскиот спорт, генерално, се луѓето што имаат средства, но не ги вложуваат во македонскиот спорт.

Или, поставено од друг агол, проблемот на македонскиот спорт се богатите кои не сакаат да вложуваат или се маглосуваат од македонскиот спорт, тука ја вклучуваме и македонската кошарка.

Приватниот капитал го движи спортот насекаде во светот, тоа секојдневно го гледаме и треба да сме идиоти да не го забележиме.

Абе, каде бегате и вие?

Зошто во нашата земја газдите се или маргинално присутни, или кога ќе видат што се случува фаќаат штикла, или се потполно отсатни од спортските колективи?

Нели спортот се приватизира? Нели има ваучери? Нели има финансиски олеснувања за тие што ќе создаваат подлога за развој на младината во вистински правец?

Нели тргнавме нагоре? Нели европскиот шампион РК Вардар ни беше пример што ќе го следиме? Што е сега? Каде кочи?