ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Македонија доби уште едно место во АБА 2

Македонија доби уште едно место во АБА 2

сподели

На четирите покани од Лигата на шампионите на ФИБА, Македонија добива можност да има и два претставника во втората дивизија од регионалното натпреварување.

Тоа значи дека идната сезона би можеле да имаме пет или шест (во зависност од тоа дали МЗТ Скопје ќе се пријави во ЛШ) екипи на меѓународна сцена што сигурно може да го крене нивото на кошарката во земјава. АБА лигата донесе неколку заклучоци кои се однесуваат на овој сегмент.

„Собранието на АБА одлучи АБА 2 да биде составена од 12 екипи во сезоната 2020/21, врз основа на резултатите во националните шампионати. Сите држави кои учествуваат (БиХ, Хрватска, Црна Гора, Македонија, Србија и Словенија) ќе учествуваат со два претставника. Во случај некоја од нив да не ја искористи можноста, местото ќе биде пополнето со вајлд-кард“, се вели, меѓу другото, во одлуките на АБА.

Овде има еден проблем. Македонија, односно КФСМ, го заврши националното првенство без да го признае пласманот во моментот на прекин. Ако на МЗТ Скопје му е загарантирано местото во АБА 2, прашање е која ќе биде втората екипа која ќе може да учествува во оваа лига со оглед на тоа што АБА посочува дека учесниците ќе бидат одредени врз основа на пласманот во домашните првенства.

Ова е добра можност Македонија првпат да има два претставника во АБА 2. Во првата сезона од постоењето на оваа лига (2017/18) во неа учествуваше АВ Охрид, а потоа МЗТ Скопје испадна од елитата и две години по ред се натпреваруваше таму.