ПОЧЕТНА Некатегоризирана Мајка му на Дражен му испрати порака на Хезоња

Мајка му на Дражен му испрати порака на Хезоња

сподели
Бисерка Петровиќ

Поранешниот играч на Барселона деновиве е топ-тема во Хрватска откако одлучи во својот нов тим да носи еден број што многу тежи.

Марио Хезоња ја избра 44-ката на својот легендарен сонародник Дражен Петровиќ кој својата НБА кариера ја почна во Портланд Трејл Блејзерс и го носеше две сезони – од 1989 до 1991 година. Одлуката на 24-годишниот дубровчанец ја поздрави и мајка му на Дражен, Бисерка Петровиќ.

Eurohoops

„Мило ми е што Марио избра да носи 44 и да ги потсети сите каква трага во НБА остави мојот син. Сепак, Портланд е тимот што го драфтуваше и во кој ги одигра првите натпревари во лигата.

Но, во оваа прилика би сакала да му порачам на Марио постојано да игра за хрватската репрезентација, како што тоа го правеше Дражен. Би било убаво така да размислува, сепак репрезентацијата е светост, во кој било спорт.

Сетете се само како во летото 1993 година, Дражен без размислување, со повредено колено, одлучи да игра за националниот тим во квалификациите за Евробаскетот. Многу играчи денес на такво нешто не би помислиле и затоа му порачувам на Хезоња на тој начин да го следи Дражен и неговото наследство“, изјави Бисерка Петровиќ.

Таа 1993 година легендарниот хрватски кошаркар ги одигра последните натпревари во животот. По квалификациите за Евробаскетот што се играа во Вроцлав, а на кои учествуваше и македонската репрезентација, Петровиќ го загуби животот во сообраќајна несреќа, на враќање кон татковината.

Хезоња не играл за хрватската репрезентација од Олимписките игри во 2016 година поради што добива голем број критики во својата татковина.