ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Кога Марјан Ѓуров го сретна Коби…

Кога Марјан Ѓуров го сретна Коби…

сподели

Не се многу Македонците кои имале чест во живо да го видат еден од најдобрите светски кошаркари, 20 години член на Лос Анџелес Лејкерс, освојувач на пет шампионски титули и сопственик на „безброј“ индивидуални признанија.

Еден од нив секако Перо Антиќ кој во двете сезони во НБА го делеше паркетот со Коби Брајант, но далеку пред него честа да го запознае ја имаше долгогодишниот македонски репрезентативец Марјан Ѓуров. Нивната средба датира од 1998 година кога Коби тукушто ја заврши својата втора сезона во НБА.

„Тоа беше Светско првенство во streetball, се одржуваше во Париз, Коби беше промотор на Адидас, заедно со Трејси МекГрејди. Уште тогаш беше најавуван како голема ѕвезда, млад, околу 20 години, а најголема надеж во НБА. Иако на таа возраст, едвај околу две години повозрасен од нас, сепак ни беше идол на сите што учествувавме на турнирот и не изненади со тоа што беше многу скромен и пријатен за дружење и комуникација.

Се сретнавме, имаше кратка демонстрација на техника и мотивационен говор кон сите млади играчи, присутни таму. Ги пренесе искуствата стекнати во младите категории, односно во средното училиште, како и напорната работа за да стигне до НБА драфтот“, сподели Ѓуров за basketball.mk.

Заедно со него на турнирот учествуваа уште Алмир Мифтаровски, Дарко Спироски и Методија Папазоски, а водич на експедицијата е подоцнежниот политичар Есад Рахиќ.

„Од нив само јас и Дарко продолживме да се занимаваме со кошарка, тој играше во Работнички и Балкан Стил, а јас во уште неколку клубови во Македонија. Сите се успешни, Алмир чинам дека е лекар во Швајцарија, Менде (Методија н.з.) има сопствена компанија во Полска, а Еско е директор на затвор во Скопје“, додава Ѓуров.

Штипјанецот е еден од најтрофејните македонски кошаркари на сите времиња. Освои десет шампионски и осум куп титули во земјава, главно сo екипите на Работнички и Фени Индустри. Заврши Факултет за физичка култура (сегашен Факултет за физичко образование, спорт и здравје) и предава кошарка на Спортската академија.