ПОЧЕТНА Други репрезентации Кога мачињата ќе прераснат во лавови

Кога мачињата ќе прераснат во лавови

сподели
FIBA

Експедицијата на Македонија се врати од Италија, каде што ја оствари мисијата. Наследството е пренесено на уште најмалку една генерација, која следната година повторно ќе игра во А дивизијата.

„Голема благодарност до претседателот Перо Антиќ, спортскиот Директор Тодор Гечевски, генералниот секретар Владимир Георгиевски, Ивановски Мирко и до сите вработени во македонската кошаркарска федерација за огромната поддршка што ни ја дадовте, доаѓајки на сите наши подготвителни натпревари, што бевте со нас и кога победувавме и кога губевме. Ова е успех на играчите, целиот стручен штаб, на КФСМ.

FIBA

Еден за сите, сите за еден! Сите мислеа дека ќе играме како мачиња, но мачињата станаа лавови.“ – се првите зборови на селекторот Денис Дервишевиќ, кој што претпочиташе медиумски мрак и не даваше изјави, додека целта не беше остварена.

Современиот спорт не познава екипа без физичка подготовка, без диригент кој ќе ги насочува играчите и ќе им помага да ги издржат сите напори на едно големо натпреварување на кое нема многу време за класичен одмор.

„Мило ми е што имав шанса да бидам дел од оваа приказна. Момците ги чека многу работа, доколку сакаат скалило погоре и борба за висока позиција во А дивизија. Успеавме да се носиме со сите, успеавме да опстанеме.

FIBA

Но, тоа не значи дека сме таму каде што треба да бидеме, во поглед на физичката подготвеност на која треба да обрнеме внимание низ текот на целата година, а не само во период од 7 недели колку што траеја подготовките. Благодарност до тимот и до Федерацијата на укажаната доверба.“ – рече кондицискиот тренер, Сашо Пецев.

Асистентите ретко кој ги гледа, но тие што ја познаваат хиерархијата на спортот, знаат дека без нив главата нема ниту нозе ниту раце.

„Не би сакал премногу да полемизирам околу целиот период од првиот официјален собир до последниот натпревар, единствено што е важно е фактот дека целиот тим направи нешто што досега никој наш не успеал да го направи.

FIBA

Се исправивме пред сите предизвици и се изборивме со сите проблеми, поминавме заедно многу подеми и падови, се боревме рамо до рамо со сите селекции, но крајот е она што го посакувавме – опстанок во елитата. Секогаш може подобро, но ако говориме дали ова е успех, можеме сите да бидеме горди на овие момци!“ – рече Влатко Неделковски, првиот помошник на Дервишевиќ.

Македонија ја освои 12-та позиција на ЕП, остана во елитата, не се посрамоти против ниту еден противник, мечот со Русија беше најтежок пораз, но генерацијата што доаѓа, а и следните, заедно со сите што ја сакаме кошарката, мора на овие (се уште) деца да им кажеме – БРАВО И БЛАГОДАРИМЕ!