ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Кога Кочов ќе скаутира странец – нема утка

Кога Кочов ќе скаутира странец – нема утка

сподели

Врвни кошаркарски имиња продефилираа низ Аеродром последните осум години, откако МЗТ Скопје ја презеде доминацијата во домашното првенство и почна да игра во меѓународни натпреварувања.

Голем дел од нив направија блескави кариери и од нашиот клуб заминаа во познати екипи низ Европа и светот. Последен меѓу нив е Нуни Омот кој идната сезона ќе настапува во Лигата на шампионите на ФИБА, откако денеска го договори својот трансфер во тимот на Тофаш.

Финалистот во турското првенство од 2018 година одлучи да се откаже од Еврокупот на УЛЕБ и да се пресели во ЛШ, како што тоа го направија уште неколку познати клубови од Европа како Билбао, Ритас и Дарушафака.

Нуни Омот дојде во МЗТ Скопје минатото лето и беше најавен како прва ѕвезда во екипата. Тоа беше негово прво европско искуство во кариерата, но одлично се снајде во Аеродром, па затоа беше изненадување кога пред крајот на ноември побара да биде ослободен од обврските. За МЗТ настапуваше едвај два месеца во кои еднаш беше прогласен за играч на колото во АБА 2, а просечно постигнуваше по 18,5 поени со што беше еден од најдобрите стрелци во лигата.

Од Македонија замина во холандскиот Леиден, но сега станува јасно дека тој клуб му послужил само како сериозно загревање за она што се случи денеска. Со Леиден настапуваше во Еврокупот на ФИБА и таму беше одличен, со просек од 17,8 поени по натпревар.

И Нуни Омот, како и неколкумина странци кои настапуваа во МЗТ Скопје во сезоната 18/19, беше скаутиран и избран од тренерот на аеродромци Ѓорѓи Кочов, а сега оди во многу попозната екипа од посилна европска лига. Иве Иванов се врати во Задар каде беше лидер и капитен на тимот и еден од најдобрите во хрватското првенство. Џејмс Вудард се пресели во германскиот Бајројт, а Лестер Медфорд во летонскиот ВЕФ Рига.

Постои можност годинава од МЗТ Скопје да замине играч директно во НБА лигата бидејќи турскиот интернационалец Рагип Атар го пријави своето учество на драфтот.