ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА КОЧОВ: Не сакаме спектакуларни најави, ќе одиме чекор по чекор

КОЧОВ: Не сакаме спектакуларни најави, ќе одиме чекор по чекор

сподели
фото: МЗТ Скопје

Македонскиот шампион, традиционално веќе, прв ќе излезе на теренот на официјален натпревар во новата сезона.

За помалку од две недели го очекува дуелот со дебитантот во АБА конкуренцијата, Слобода Тузла во првото коло од вториот степен на регионалното натпреварување. МЗТ Скопје веќе е во полн ритам со подготвителни натпревари, голем дел од нив интернационални.

Џабарди Хиндс (фото: Спортмедиа)

Досега одигра седум меча, забележа шест победи, а загуби само од романскиот првак Орадеа на турнирот во Романија. Новите играчи веќе се вклопија и остануваат уште да се корегираат детали во играта пред официјалниот почеток на сезоната.

„Задоволен сум од односот на кошаркарите за време на подготовките, евидентно е дека имаат желба за работа. МЗТ Скопје е шампион и се знае кои се целите за новата сезона, но ние не сакаме спектакуларни и бомбастични најави, туку оваа сезона ќе се одиме чекор по чекор.

Прва пречка ни е Слобода, имаме некои информации за екипата, но има време до натпреварот, се надевам дека ќе се подготвиме што е можно подобро. АБА 2 ни е малку поважна во првиот дел од сезоната, но тоа не значи дека ќе го запоставиме домашното првенство“, изјави тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов за basketball.mk.

Минатата сезона аеродромци ја завршија со еден трофеј, но беа жртви на жестокиот распоред во март и април. Титулата во Купот на Македонија им избега по две продолженија во полуфиналето со Работнички, а го испуштија и пласманот во АБА лигата во баражот против Задар против кој имаа брејк и убедливо водство на домашен терен во вториот меч.