ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА КОЧОВ: Ќе ни фали искуство, но не и мотивација

КОЧОВ: Ќе ни фали искуство, но не и мотивација

сподели

МЗТ Скопје се врати во тренажен процес на речиси два месеца пред почетокот на новата сезона во која ќе ја брани титулата во домашното првенство, а императив ќе биде трофејот во Купот.

Екипата уште не е комплетирана, шампионот има простор за уште тројца странци, а на почетокот на подготовките не беше ни кениското засилување Нуни Омот. Од новите играчи, единствено Бојан Крстевски е поискусен и со подолг стаж во македонското првенство.

Тимот што ја освои титулата сега е драстично изменет (фото: КФСМ)

Од тие причини и тренерот Ѓорѓи Кочов не сака да прогнозира што ќе се случува во новата сезона во која со високи амбиции влегуваат и неколку екипи надвор од престолнината, како АВ Охрид, Кожув и Гостивар.

„Нема да се залетуваме со бомбастични и спектакуларни најави. Своите амбиции за новата сезона ќе ги објавиме кога ќе ја комплетираме екипата. Ростерот е безмалку нов и во вакви услови секогаш е тешко да се предвидува нешто.

Она што можам да го ветам е дека ќе играме на највисоко ниво во рамките на нашите можности. Целта е да се афирмираат домашните кошаркари, екипата е многу подмладена, а улогата на некои кошаркари ќе биде променета. Се надевам дека ќе ја искористат шансата и ќе покажат дека се подготвени да одговорат на очекувањата.

фото: МЗТ Скопје

Моја желба е да прикажеме добри игри и континуитет, но и да потврдиме дека ништо во спортот не е случајно. Мотивацијата ќе ни биде уште поголема бидејќи знаеме дека ќе недостасува искуство, а ќе се обидеме тоа да го надополниме со уште понапорна работа.

Ако минатата сезона го добивме Магдевски, се надевам дека оваа МЗТ Скопје ќе добие барем тројца кошаркари на кои ќе може да смета во иднина“, изјави Кочов за basketball.mk.

Еден од најмладите тренери во домашното првенство е предводник на МЗТ Скопје од март 2018 година. Пред два месеца влезе во тесниот круг на оние кои ја освојувале шампионската титула во Македонија и како играч и како тренер.