ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА (ВИДЕО) Додека седите дома, уживајте во ретро кошарка: Кочани-Работнички (1995)

(ВИДЕО) Додека седите дома, уживајте во ретро кошарка: Кочани-Работнички (1995)

сподели

Ситуацијата со корона вирусот не принуди да останеме во своите домови, во очекување да се среди состојбата.

Времето не мора напразно да се троши, може да се искористи и за учење кошарка или гледање на некои натпревари од веќе подалечното минато. Поточно, од времето кога во Македонија беа полни салите на кошаркарските натпревари, без разлика дали станува за дуели од домашното првенство или европските купови.

Ова е натпреварот меѓу Кочани и Работнички, втор од финалната серија во сезоната 1994/95. Претходно кочанци веќе го освоија пехарот во Купот на Македонија и тоа во Скопје, совладувајќи го МЗТ Скопје во финалето во Градски парк. Тоа беше прв и единствен пехар во клупската историја, а екипата доби можност да ја освои двојната круна.

Вторпат по ред овие две екипи се сретнаа во финалето од плеј-офот, во двата случаја триумфираше Работнички. Во оваа сезона победи со 4:3, но ниеднаш не беше ни блиску до триумф во Кочани каде доживеа неколку тешки порази.

За Кочани тогаш играа неколку стандардни и повремени македонски репрезентативци како Ѓорѓи Књазев и Борис Нешовиќ, еден од најпотценетите бекови во нашата кошарка, извонредниот шутер Горан Димитријевиќ, ветеранот Дарко Кнежевиќ и странците Мајкл Инграм и Грег Грант, предводени од Александар Књзев.

Во тимот на Работнички, чиј тренер беше Марин Докузовски, освен домашните ведети Давитков, Јовановски, Војновиќ, Блажевски, браќата Боцевски и Петрушев, настапуваа уште Марко Ивановиќ и поранешниот југословенски репрезентативец Зоран Јовановиќ кој во 1990 година беше дел од селекцијата што го освои златниот медал на Светското првенство во Аргентина.