ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Клубовите се подготвуваат и да не играат, ако не им се исполни...

Клубовите се подготвуваат и да не играат, ако не им се исполни барањето

сподели

Незадоволните од „наметнатиот“ број на македонски играчи постојано на терен (3-ца), екипите на МЗТ Скопје, Работнички, Кожув, Куманово, Фени индустри, АВ Охрид, Пелистер, Гостивар и Академија ФМП, официјално побараа од КФСМ да се укине овој дел од правилото.

Иницијативата за заштита на македонските играчи, донесена од претходното раководство на КФСМ, воедно (што не е спорно за никого, дури и се најавува намалување на оваа бројка на 3-ца) и го лимитира бројот на странските играчи, во моментов на вкупно 4-ца во ростерот.

Поддршка на оваа иницијатива стигнала и од Шкупи, екипа што очекува да го заземе местото на Блокотехна по фузијата на овој клуб со Кожув, а единствен кој не се изјаснил на гласањето е тимот на Вардар.

Според актите на КФСМ, членовите на УО во најкус можен рок треба да го разгледаат барањето на прволигашите и да распишат Собрание, кое најверојатно, во интерес на времето, ќе биде по дописен пат. Членките треба да се изјаснат дали се за промена на гаранцијата на дел од кошаркарите што го имаат епитетот – домашни играчи.

Поддршка за ова барање на клубовите има и од Здружението на тренери, кои што, според најавите, наскоро да излезе со официјално соопштение во кое ќе ги образложи своите причини зошто е за укинување на оваа гарантирана минутажа за Македонците.

Клубовите, неофицијално, како што јавува Sport1 биле подготвени за радикални мерки, ако ова нивно барање не било усвоено, па дури најавувале и дека немало да го почнат првенството, бидејќи едноставно не биле во можност да ги издржат, како што се наведува, нереалните барања на најголем дел од домашните кошаркари.

Играчи, се вели, кои допрва требало да се калат и кои зад себе едноставно немале ништо, сега барале месечни плати дури и од 2.000 евра па и повеќе, суми кои до пред две сезони биле мислена именка на многу нивни поквалитетни и поискусни колеги.