ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА КЛАСНИОТ И МАТУРАНТИТЕ, ВО ЕПИЗОДАТА: Мисија невозможна!

КЛАСНИОТ И МАТУРАНТИТЕ, ВО ЕПИЗОДАТА: Мисија невозможна!

сподели
фото: Александар Ристовски

Македонската кошарка, сезонава ја стресоа многу чуда. Единственото позитивно, е пласманот на втората екипа од Аеродром, во нашата елита. Место каде што се раѓаат нашите идни ѕвезди, кои ги немаме одамна и тим што е предвиден за расадник на таленти, кои што ги имаме во (светски рекорд на) неискористено изобилие.

Зошто матурантите? Затоа што тоа е екипа во која играат 8 средношколци (со просек 18.3 години) кои по нашите фригидно-стерилни кошаркарски навики последниве 30-тина години, би требало да играат „Мали Олимписки Игри“. Тоа е едно подзаборавено натпреварување, кое можеби се уште постои, но нема од него ефект, а некогаш имаше и тоа колкав, врз целокупниот наш спорт.

фото: Александар Ристовски

Зошто класниот? Затоа што нивниот тренер три децении работи во просвета, паралелно со кошарката. На двата фронта на дневна база се среќава со секакви пубертетски проблеми, кои му се природно наметнати и во оваа екипа – да создава, креира и образува деца кои треба да станат кошаркари.

Се уште не сте кошаркари, не сте уште зрела екипа за високи дострели, имате да лапате фурни леб, уште долго нема да ви судат фаули, но морате да ги правите кога ве бушат, мора да шутирате кога сте сами, проигрувајте го првиот слободен соиграч пред да изведувате акробации од кои може да се повредите и психички и физички.

фото: Александар Ристовски

Слушајте го класниот, држете се еден до друг, не читајте многу што се пишува за вас затоа што пишува кој стигне, не земајте при срце коментари од соц-медиуми затоа што тоа е прибежиште на лудите, поставете си цел да напредувате со секое ново тапкање на топката, ќе губите уште многу мечеви од кои може само да научите, кога ќе победите радувајте се како да сте освоиле светско првенство.

Едно да знаете – ВИЕ сте иднината на македонската кошарка, сте добиле шанса како ниедна друга генерација, зграпчете ја со двете раце. Подобро да губите по 40 разлика во 40 минути на еден натпревар, отколку да играте 4 минути по сезона во шампионска екипа. За жал, титулите во Македонија се само бројка. Вие сте современи деца, би требало поинаку да ја гледата својата иднина…